Катар: Ниту еден производител нема капацитет да го замени рускиот гас во Европа за толку краток рок

Ниту Катар ниту другите земји-производители немаат капацитет да го заменат рускиот гас течен природен гас (liquified natural gas – ЛНГ) доколку се прекине снабдувањето поради руско-украинскиот конфликт, предупреди денеска министерот за енергетика на Катар – Саад ал-Кааби.

„Рускиот удел во снабдувањето на Европа мислам дека е од 30 до 40 проценти. Ниту една земја не може да замени таков волумен (гас), нема капацитет за такво нешто во ЛНГ“, рече ал-Кааби во однос на интересот на САД и европските сојузници во последните недели да обезбедат гас од големите производители, во замена за рускиот гас во случај на ескалација на кризата во Украина.

„Поголемиот дел од ЛНГ е поврзан со јасни долгорочни договори и одредишта. Затоа е речиси невозможно да се замени толкаво количество (гас) за краток рок“, објасни ал-Кааби.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

Катар е еден од најголемите производители на течен природен гас во светот и, преку долгорочни договори, го продаде најголемиот дел од својот гас на клиенти во Азија, иако дел од него продава и во Европа.

Катарскиот министер објасни дека според склучените договори само 10 до 15 отсто од продадениот гас може да се пренасочи кон Стариот континент.

„Не станува збор дека не е договорен, прашање е дали може да се пренасочи. Поголемиот дел од гасот е поврзан со долгорочни договори, а 10 до 15 проценти веројатно би можеле да се пренасочат“, рече министерот.

МИА

- Реклама -