Каракачанов за новиот развој во разговорите: Довербата на Софија кон Скопје е изгубена, единствено решение е писмен анекс кон Договорот

„Како прво, би сакал да ги уважам напорите на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева и на германското претседателство со Европската унија, во обидот да ги приближат позициите на бугарската и македонската страна. Ги поддржувам основните констатации на министерката за надворешни работи – дека билатералниот договор меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија не се почитува од македонската страна. Како резултат на тоа, во овој момент довербата на Софија во Скопје е изгубена, поради систематското неисполнување на македонската страна на преземените обврски“, пишува бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана – Красимир Каракачанов, во, како што самиот вели, неговата позиција во однос на последниот развој во разговорите меѓу двете земји.

„Потсетувам дека од октомври 2019 година постои Рамковна позиција утврдена и од бугарскиот парламент. Во неа јасно се дефинирани роковите и условите под кои Бугарија ќе го поддржи членството на РСМ во Европската унија. Ниту еден услов од Рамковната позиција не е исполнет од македонска страна. Особено условот за постигнување напредок во работата на билатералната историска комисија, која практично беше еднострано блокирана од владата во Скопје“, вели Каракачанов.

Тој истакнува дека за него е целосно неприфатливо Македонија да добие поддршка за почеток на преговорите со ЕУ со наоѓање на каков било компромис со Декларацијата од 1999 година потпишана од двете страни, или без јасно признание од страна на Скопје за „бугарските корени на современиот македонски јазик и историја по 1944 година“.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

„Не сметам дека во моментов Бугарија располага со гаранции од македонска страна за исполнувањето на Договорот од август 2017 година и не прифаќам дека такви гаранции можат да бидат изјави на членови од македонската Влада или само декларација од нивна страна. Единствена гаранција би можел да биде писмен анекс кон Договорот од 2017 година кој ќе ја одразува бугарската Рамковна позиција и декларацијата на бугарскиот парламент од октомври 2019 година.

Во спротивно, Бугарија не може да го поддржи европското членство на Македонија без оглед на било какви условувања и при било каков надворешен притисок, ако за таа цел бугарската страна ќе треба да ги жртвува своите национални интереси и да допушти во ЕУ една антибугарска државна идеологија наследена од времето на комунистичка Југославија, која, за жал, продолжува да биде хранета со сите сили од сегашната власт во Скопје“, заклучува Каракачанов.

- Реклама -