Каракачанов во божиќно издание: Не може да не се извиниш на луѓето кои си ги убивал со децении зашто биле Бугари и да ми кажуваш дека имаш идентитет со векови

„Ако тие продолжат да се однесуваат како држава која е ментор на Бугарија и која ги поставува условите, мислам дека уште долго време ќе почекаат. Зашто Бугарија има свое право да бара од кандидатките за членство да исполнат одредени услови. Еден од условите е нашата национална сигурност“, рече министерот за одбрана и вицепремиер на Бугарија – Красимир Каракачанов, во денешното гостување во „Тази сутрин“ на БТВ, прашан дали е можно подобрување на односите меѓу Македонија и Бугарија и постигнување на некаков договор.

„Не може со таков инат, каков што гледаме во Скопје… ‘Ама ние сакаме’… Па и јас можеби сакам многу работи во овој живот, но нешто што не е мое, како можам да го сакам? А тие сакаат сѐ. Не може да ја присвојуваш бугарската историја, не може да не се извиниш на тие луѓе кои си ги убивал и малтретирал со децении зашто биле Бугари и да ми кажеш ‘Ама ние имаме идентитет со векови’… Од каде го имате тој идентитет со векови? А да не ја отвараме другата тема, како беше создаден тој идентитет во ’44-та година“, рече Каракачанов.

Според него, тоа било направено преку насилства, убиства и репресии кон Бугарите:

„Вие знаете ли дека ’44-та, ’45-та, во Македонија, се носи закон, можеби единствен, ни нацистичка Германија немала таков закон, за заштита на националното име и чест, според кој секој што ќе каже дека е Бугарин – не Албанец, ако кажеш дека си Албанец немаш проблем, ако кажеш дека си Турчин немаш проблем, ако кажеш дека си Србин ќе ти ракоплескаат – но ако кажеш дека си Бугарин, по законот ти следуваат до пет години затвор. И сега тие луѓе ќе ми кажуваат дека тие така, само од себе, добиле некаков идентитет. Тоа го кажува една политичка елита. Не може така“, рече Каракачанов.

Во ова негово интервју, за промена, темата за Северна Македонија беше последна, но затоа новинарот му најави посебно интервју целосно посветено на ова прашање. Притоа, и двајцата се сложија дека темата ќе продолжи да биде актуелна. „Сигурно уште 30 години, а можеби и повеќе“, со доза на сарказам искоментира новинарот.

 

- Реклама -