Кампањата против Хамас не запира, „Израел е среде Трета светска војна против Иран и радикалниот ислам“

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави денеска дека е погрешен впечатокот дека кампањата против Хамас се прекинува и најави наскоро „поинаков вид“ на операции.

Тој рече дека израелските војници на север уништиле 12 баталјони на Хамас, но дека се уште има неколку илјади „терористи“ од вкупно 15.000 до 18.000 што биле во областа, и дека многу од нив се елиминирани, а други побегнале на југ.

На северот на Газа, Галант најави продолжување на малите операции за искоренување на последните борци на Хамас.

„Целта е да го замориме непријателот и да дојдеме до ситуација да ја контролираме територијата“, рече Галант.

Тој додаде дека ситуацијата на југот од Појасот Газа е поинаква и дека ИД (Израелските одбранбени сили) се фокусирани на „она што е над тунелот во Кан Јунис“, каде, како што рече, „претставниците на Хамас се кријат на голема длабочина“, и дека борбите таму ќе продолжат да бидат со „висок интензитет“.

– Резултатите ќе бидат јасни. Ќе ја завршиме оваа кампања кога Хамас веќе нема да функционира како раководно тело и секако не воено. За тоа ќе биде потребно време“, рече израелскиот министер и предупреди на други закани, пред се на северот на Израел поради секојдневните напади на проиранскиот Хезболах од Либан.

Новиот израелски министер за надворешни работи Израел Кац, кој во меѓувреме ја презеде функцијата, рече дека Израел е „среде Третата светска војна против Иран и радикалниот ислам“.

Кац, кој го заменува Ели Коен како министер за надворешни работи на Израел според аранжман за ротација, најави дека земјата ќе ја постигне целта да го собори Хамас.

МИА

- Реклама -