Во регионот, конкретно во Србија, има сé повеќе измамници од Бугарија испраксирани за кражба на пари од банкомати. Службите и експертите ги советуваат граѓаните како да се заштитат. Советите, се разбира, не важат само во Србија.
Банкарската индустрија воглавно, во технолошка смисла, е чекор пред измамниците, па банкоматите од поновите генерации се заштитени од кражба, особено преку измами со таканаречената „либанска стапица“, која на измамниците им служи за злоупотреба на платежни картички.
Најдобрата заштита за корисниците, сепак, е да ја следат состојбата на својата сметка, бидејќи секоја сомнителна трансакција може да сигнализира дека сте жртва на измама.
Корисниците се советуваат и да го проверат банкоматот од кој подигнуваат пари, бидејќи споменатата „либанска стапица“ е лесно воочлива ако се внимава. Уредот личи на парче пластика закачено на влезот за картичката, објаснуваат упатените.
Граѓаните се советуваат и секогаш со себе да го имаат телефонскиот број преку кој можат да побараат од банката да им биде блокирана картичката доколку забележат сомнителна трансакција или ја изгубат.
Треба да се избегнува и подигнување на пари од банкоматите од постара генерација, особено тие кои не се осветлени и под видео надзор. Таквите банкомати се најчеста мета на измамниците.
Генералниот совет е да се подигнуваат пари исклучиво од банкомати на овластени банки и секогаш да се контактираат надлежните во случај да забележите некакви неправилности.
Што се однесува до методите како „либанска стапица“, тоа е застарена технологија. Банкоматите се осовременети, а најголемиот предизвик за измамниците е како да дојдат до парите, а притоа да не остават трага.