Претседателот на Европската комисија – Жан-Клод Јункер, денес во својот говор во Европскиот комитет повика на „спречување на маршот кон не-Европа“, чија инспирација, според Јункер, се „глупите националисти“.
„Мораме да им речеме НЕ на сите популистички движења. Правам разлика меѓу евроскептиците, кои имаат свои барања, и ограничените популисти и глупи националисти. Тие не се едно-исто. Мораме да го спречиме овој марш кон не-Европа, чија инспирација се глупите популисти и ограничените националисти“, порача Јункер на отварањето на Европската недела на градови и региони.
Меѓутоа, како по обичај, и овој пат еден спореден детал привлече добар дел од вниманието на јавноста. Имено, излегувајќи на бината, Јункер протанцува на нотите на позадинската музика, слично како што направи британската премиерка Тереза Меј на мелодијата на „Abba“ на неодамнешниот конгрес на нејзината Конзервативна партија.
И Јункер сега, и Тереза Меј тогаш, предизвикаа смеа кај присутните, но разликата е што Меј се шегуваше на своја сметка, со не случајно одбраната песна „Dancing Queen” (во чиј рефрен оди стихот „You can dance…“), алудирајќи на својата посета на Кејптаун, при која се „прослави“ со своето лошо танцување. Ние, на пример, како и многу други медиуми, тогаш и официјално ја прогласивме за робот.
Меѓутоа овојпат многу од медиумите, особено британските, го сфатија потегот на Јункер како исмевање со британската премиерка, и не во смисла на обична шега. Не помогна ни тоа што портпаролот на претседателот на Европската комисија изјави дека танцот на Јункер „не бил насочен кон никого конкретно“, додавајќи дека Јункер „негува голема почит“ за британската премиерка. Колку е тоа точно, судете по видеото:
Is this @JunckerEU mocking @theresa_may 's Abba dance at a speech to the Committee of the Regions?
I am saying yes. What say you @MargSchinas or @Mina_Andreeva ? pic.twitter.com/qyzHddY3oJ
— James Crisp (@JamesCrisp6) October 8, 2018