„И јас како Никола сум спремен да шутирам пенал, но утакмицата мора да трае“, вели Заев за провокацијата на Каракачанов со картата на Голема Бугарија

„Во искушение сум, бидејќи е очигледно или барем многу аргументи има дека се работи за предизборен фолклор. И колку поголема реакција ќе предизвика ова на македонска страна, толку поголем можеби ќе има… тоа можеби било и идејата, не знам што е…“, изјави вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров, прашан да ја коментира постапката на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана – Красимир Каракачанов, кој 8 Март на жените им го честиташе со карта на Голема Бугарија, во чии граници е и целата територија на Македонија (и пошироко).

„Меѓутоа, принципиелно и со најумерени зборови сепак ќе кажам дека кога за тие што вистина сакаме пријателство и добрососедство, важно е да сме внимателни и во тоа што го зборуваме и во тоа што го објавуваме на социјалните медиуми. И посебно треба да избегнуваме објави и зборови кои наликуваат на територијални претензии, се против Договорот за пријателство и нашето сојузништво – Северна Македонија и Бугарија се членки и сојузнички во НАТО алијансата“, рече Димитров, додавајќи дека треба да се размислува не дневнополитички, туку на долг рок во однос на овие цели.

На ваквата реакција се надоврза и премиерот Зоран Заев.

„Како што е подготвен Никола да шутира, така и јас сум, кога ти местат пенал. Но мора да внимаваме дека утакмицата трае и мора да трае. Ова го кажувам од аспект што Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија покажува дека државите меѓу себе немаат територијални претензии. А притоа, ќе кажам дека и јас, исто така, немам намера да влегувам во предизборен фолклор на соседна земја или на било која друга наша пријателска земја. За мене тоа е предвечерие на предизборите и ништо повеќе и ништо помалку. Секоја друга наша реакција би значела влегување во изборна кампања во Република Бугарија“, рече Заев.

Пред неколку дена и шефот на македонската дипломатија – Бујар Османи, изјави дека нема да дозволи Министерството за надворешни работи да стане дел од предизборната реторика во Бугарија.

Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, пак, по реакцијата за состанокот на бугарскиот претседател Радев со безбедносните служби, реакција стигна и денес за картата што ја објави Каракачанов. Ваквите постапки ја поткопуваат довербата меѓу двете земји и народи, порача Пендаровски, меѓу другото.

- Реклама -