Полека но сигурно, чучавците се на пат на исчезнување од јапонските школи, иако таму се сметани за „традиционални тоалети во јапонски стил“. А ние не би си ја барале мајката да пишуваме за тоа како какаат Јапонците, ако нашата ситуација не беше слична со нивната. Енивеј…
Јапонското Министерство за едукација, култура, спорт, наука и технологија ги има вмешано прстите во многу манџи, но тоа не го спречува да се позанимава и со манџите во училишните тоалети. MEXT (кратенка за министерството; некој решил дека X e соодветна кратенка за едукација, култура, спорт, наука и технологија) спроведе национално истражување околу тоалетите во основните и средните школи ширум Јапонија, со фокус на „центрите“ за голема нужда, и заклучи дека од вкупно 29.000 објекти за едукација и вкупно 1.4 милиони тоалети инсталирани во нив, мнозинството – т.е. 56.7% се „традиционални тоалети во јапонски стил“. Наспроти 790.000 чучавци, 610.000 тоалети имаат веце шолји во западен стил.
Бонус факт: Резултатите од истражувањето беа објавени на јапонскиот Ден на тоалетите… Јапонската тоалетна асоцијација го слави 11/10 (10 ноември) како неофицијален „празник“, бидејќи 11/10 на јапонски се читаат како ii-to(ire), што во буквален превод би значело и „добар тоалет“.
Е сега, проблемот е што мнозинството од јапонските домови денес имаат тоалети во западен стил. Чучавците ретко ќе ги најдете во поново изградените домови, бидејќи на нив сé повеќе се гледа како на неудобни инсталации за редовни олеснувачки сесии. „Јапонските тоалети“ исто така сé помалку ги има и во јавните вециња, а во тоалетните кабини во поновите железнички и метро станици, во комплексите за забава, деловните згради и другите објекти доминираат веце школките. Ако веќе има чучавци, обично се работи за еден чучавец, направен специјално за оние поолдскул Јапонци.
И така, во очи на новиот извештај, голем дел од јапонските граѓани почнаа поинтензивно да повикуваат школите да се олеснат од нивните тоалети со чучавци и да ги заменат со нормални вециња. Во таквото барање има и многу логика, бидејќи ако децата не се навикнати на чучавци и дома депозитираат фецес во регуларни веце школки, олеснувањето во школски чучавец станува предизвик, особено што тоалетите во јапонски стил подразбираат поседување на одреден сет од вештини што не секој ги има (барем не во потребната доза). Прашањето е, зошто децата да се изложуваат на неудобност, кога повеќето возрасни Јапонци одамна веќе не мораат, а надвор од школите веќе доминираат веце шолјите?
Згора на тоа, во дебатата не се земени во предвид само преференците на децата. Школските објекти, вклучувајќи ги и гимназиите, (не само) во Јапонија често се користат и како засолништа по одредени природни катастрофи. Така, по серијата од големите земјотреси во Кумамото порано годинава, многу од луѓето не можеа да се вратат во своите домови, па беа привремено сместени во основните и средните училишта. Притоа, беше забележано дека често имаше исклучително долги редови за користење на тоалетите во западен стил, иако чучавците најчесто беа празни. Ова им дава на школите уште една причина да го зголемат бројот на тоалетите со веце школки, и со тоа да се осигура мазниот тек на дигестивните трактови на своите граѓани.
Од друга страна, NPO Japan Toilet Labo – позната и како Јапонска лабораторија за истражување на тоалети, предупредува против тоа школите да се ослободат од сите нивни чучавци. Аргументот е многу сличен на оној со возот што вози за само едно девојче – дека сé уште постојат деца што живеат во постари и посиромашни домови, каде сé уште користат чучавци. Користењето на веце шолја во западен стил за нив би било неудобно.
Сеедно, истражувањето на MEXT исто така покажува и дека 85.2 проценти од анкетираните едукативни објекти планираат да го зголемат бројот на тоалети во западен стил во нивните училишта во иднина, со тоа што помалку од 10% од нивните тоалети би ги оставиле да бидат чучавци, а шолјите би доминирале со +90% проценти.
А нашиве деца? До кога ќе клечат?