Агентот на Јаја Туре, Димитри Селук во интервју за Sun вели дека неговиот клиент не е задоволен од односот на клубот и би можел да го напушти Манчестер Сити.Јаја Туре е еден од клучните фудбалери за успесите на Манчестер Сити во изминатите години, но според неговиот агент, фудбалерот не е задоволен од односот на клубот кон него.
„Јаја е загрижен и размислува за заминување од Сити. Има неколку работи кои се случија што го разочараа Јаја. Сега тој мора да се фокусира на Светското првенство. Но Сити не му ја даде потребната почит и тоа навистина го повреди” – изјави Селук за Sun.
„Тие не знаат дека парите не можат да купат врска. Не се работи за пари или за нов договор, се работи за човечки односи и Сити покажа непочитување кон Јаја. Ќе повторам, не се работи за пари. Тој би земал помалку доколку се врати во Барселона”.
„Она што се случи за неговиот роденден значи дека клубот не се грижи за него. Тие можат да речат што сакаат ‘Оу ние го сакаме него но заборавивме’.
„Заборавивте? За Јаја? Фудбалерот кој ви помогна два пати да бидете шампиони во Премиер лигата? Типот кој ви помогна да го освоите ФА Купот и Лига Купот? Најмалку што треба е клубот и неговите соиграчи да му посакаат добри желби за неговиот роденден”.
На денот на роденденот, Манчестер Сити преку официјалниот твитер профил му честиташе на Јаја Туре.
Па дел од англиските медиуми ваквите напади од страна на агентот, ги толкуваат како негов обид да се избори за покачување на платата на Јаја Туре.
Овие негови изјави наликуваат на оние од пред минатата сезона кога Јаја Туре потпиша нов, побогат договор, па се верува дека Селук ја користи истата стратегија за да добие ново покачување на платата.
Текстот е објавен во соработка со 24fudbal.com.mk