Јадат ли Европјани храна од клонирани животни, без нивно знаење?

Најголемата пречка за „клонираната храна“ да се најде на нашата трпеза е високата цена на самиот процес на клонирање. Но, дали е тоа доволно?

Воглавно се клонираат оние животни со висок генетски потенцијал, кои потоа служат за расплод. Никој не праќа расплодно животно (чија просечна вредност се движи околу 15.000 евра) во кланица, освен ако не е на умирање. Дури и во таков случај, земјите во кои се врши клонирање, како САД, Канада и Аргентина, мораат да внимаваат таквите животни да не завршат во човечката исхрана.

„Моментално во рамките на Европската Унија не се практицира клонирање за храна, а храната настаната преку клонирање која би можела да се увезе подлежи на строга авторизација“, вели Камил Перин, висока службеничка за прехранбена политика во Европската организација на потрошувачи.

Но, таа додава дека е дозволено да се увезуваат репродуктивните материјали од клонираните животни, така што е можно европските потрошувачи, без да знаат, да јадат храна што потекнува од потомците на клоновите.

Прочитајте и:  Француски медиуми: Трамп сака трошоците за обнова на Украина да ги сноси ЕУ

„Таквите производи не подлежат на никакви посебни ограничувања, дури не е наложено ни посебно да се означат“, објаснува Перин.

Од друга страна, истражувањата на Европската Комисија покажуваат дека мнозинството Европјани се противат на клонирањето за прехранбени цели, што од причини поврзани со добробитта на животните, што заради разни други етички проблеми. Исто така, 83% од европските потрошувачи се изјасниле дека сакаат месото и млекото што се добиваат од клонови или нивни потомци, да биде соодветно означено.

Законот за клонирање моментално е на разгледување во Брисел. Европската Комисија предложи забрана за клонирање и месо од клонови, а Европскиот Парламент настојува и да ја забрани продажбата на храна настаната од потомците на клонирани животни.

- Реклама -