Протоколот во највисоките македонските државни институции ја продолжи сега веќе долгата и добро позната традиција на поставување знамиња на држави при официјални посети на политичари од земји кои… не се тие држави.
Најновиот случај доаѓа од македонското МНР. На фотографиите кои на Фејсбук ги објави министерот Бујар Османи со неговата словенечка колешка и вицепремиерка во Владата на Словенија – Тања Фајон, се чини дека сѐ е во ред; и на прес-конференцијата, и на средбата на двете делегации, поставено е словенечкото знаме. Но, од фотографиите од МИА од средбата на Фајон со Османи во неговиот кабинет, како и од видео прилозите на неколку телевизии, јасно може да се види знамето на Словачка наместо знамето на Словенија.
На фотографиите од МИА, и Османи и Фајон се насмеани, па не е јасно дали го забележале проблемот. Сепак, одговорот може да се насети од извинувањето на македонското МНР.
Имено, Министерство за надворешни работи, преку соопштение до медиумите, изрази „длабоко извинување за ненамерниот пропуст при употребата на малото знаме на тет-а-тет средбата на двајцата министри при посетата на министерката Фајон на земјава“, кое било, потенцираат, едно од десетте државни обележја кои биле употребени за време на средбите. Не се наведува дали половина од тие десет обележја биле македонски и дали треба да сме задоволни од 90-процентната успешност, во таков случај.
Сепак, од МНР потенцираат дека состанокот и целата посета на министерката Фајон поминале во исклучително позитивна и пријателска атмосфера, со важни пораки кои биле разменети и на самите состаноци, но и испратени во јавноста.
„Иако не може да има оправдување за направениот пропуст, министерката со целосно разбирање ја прими грешката како ненамерна, без никакво влијание врз успешноста на средбите и посетата“, додаваат од МНР и потенцираат дека дополнително ќе ги зголемат протоколарните проверки, со цел во иднина да не се повтори ваква ситуација.
Нашите потешкотии со знамињата претходно дојдоа до израз и при посетата на австрискиот премиер Себастијан Курц кој беше пречекан со знаме на Летонија, исто така и кога на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ знамето му го свреа наопаку, а специјалитетот на македонската протоколарна кујна го проба и францускиот амбасадор Тимоние, кога во Охрид го пречекаа со знаме од Холандија. Не можеме да ја изоставиме ни поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која (веројатно од преголема возбуда) при посета на американски носач препозна македонско знаме на воените ловци на Аризона.
За волја на вистината, не се само знамињата. Понекогаш знаеме да згрешиме и државни химни…