Изрешетан автомобил и пиштол на тротоарот кај старата Градска болница, откако оружена престрелка во с. Љубош се пресели во центарот на градот

Крвав инцидент денеска ги вознемири скопјани во центарот на главниот град. Како што првично објавија медиумите, настанот се случил кога во кругот на болницата „Свети Климент Охридски“ (старата Градска болница) влетало маж со возило „Голф 5“, кој извадил пиштол и го вперил во полицијата. Според некои медиуми, истиот и пукал кон полицијата.

Она што е сигурно е исходот – по инцидентот, пред старата Градска болница можеше да се види споменатото возило со искршени стакла и пиштол на тротоарот до него, како и големо присуство на полицијата, која забрани пристап додека трае увидот.

Во меѓувреме, новите информации покажаа дека на овие сцени им претходела оружена престрелка во село во скопско, која завршила со двајца повредени кои биле донесени во болницата.

Од МВР потврдија дека на инцидентот во центарот на Скопје му претходела престрелка, во скопското село Љубош. Во соопштението на МВР не се споменува пукање пред болницата:

„Денеска во 13.04 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред деловен објект во с. Љубош бил нарушен јавниот ред и мир помеѓу К.Н. и К.Х. од една страна и Н.Р. и М.Р. од друга, при што било употребено и огнено оружје. Притоа со повреди се здобиле К.Н. и М.Р., кои биле пренесени во Градската општа болница ‘Св.Наум Охридски’ за укажување на лекарска помош. Четирите лица се обезбедени, како и нивните возила и оружјето, а по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, велат од МВР.

Прочитајте и:  Од 15 ноември задолжително поседување зимска опрема во возилата

Според „Канал 5“, двајцата повредени од Љубош, со возилото Голф веднаш по престрелката се упатиле кон болницата, додека лице од другата група продолжило да пука по нив – оттаму и задното искршено стакло на возилото. Пред „Свети Климент Охридски“ двајцата повредени биле пречекани од полицијата и веднаш биле пренесени во болницата.

Од МВР велат дека се работи на расчистување на настанот.

ФОТО: А1он, Канал 5, ТВ24 

- Реклама -