Израелските власти ја одобрија употребата на трета доза вакцина против коронавирус за сите граѓани кои примиле две дози, во обид да го спречат ширењето на делта варијантата. Почнувајќи од синоќа, секој што ја примил втората доза пред пет месеци има можност да се вакцинира со трета доза, пренесе МИА. Во претходните недели само одредени возрасни категории граѓани можеа да ја примат третата доза од вакцината.
Од друга страна, Израелците кои неме да примат трета доза, нема да се сметаат за вакцинирани ако поминале повеќе од шест месеци откако ја примиле втората доза.
Израелските здравствени власти повикаа и на ограничување на собирите, за да се избегне зголемување на бројот на луѓе заразени со коронавирус.
Израелските власти наведуваат дека болниците се преоптоварени и дека бројот на пациенти во нив е „многу вознемирувачки“. Во болниците има 1.175 пациенти, од кои 726 се во тешка состојба, а 149 се на респиратор. Бројот на пациенти во сериозна состојба е најголем од март, а на оние на респиратор од почетокот на април.