90-тата ADC патувачка изложба која вклучува 70-на принтови од наградените дела ќе биде поставена во Куршумли Ан како гостинска изложба на Неделата на дизајн во Скопје.
Меѓу наградените, во 238 категории оваа година се најдоа и дизајните на Тојота, Њујорк Тајмс, Кока-Кола, FedEx, Мајкрософт, AT&T и други важни корпорации.
ADC – Art Directors Club е непрофитна членска институција со седиште во Њујорк, САД, која од 1920-та година до денес распишува светски конкурс за избор на креативни решенија кои ги идентификуваат и слават најдобрите дизјан решенија во тековната година.
Бројот на категории кои се распишуваат е 238, меѓу другото, печатени и електронски медиуми, графички дизајн, амбалажа, фотографија и илустрација, а исто така и студентски дела. Победниците се претставуваат на свечениот настан во април во Њујорк. Наградените, потоа се дел од патувачката изложба, што се презентира во Северна Америка, Европа, Азија и Јужна Америка.
Јана Ацевска е официјален претставник на ADC за Македонија, која со поддршка на AmCham – Американската стопанска комора во Македонија и Американската амбасада во Скопје, како и маркетинг агенциите Публицис, МекКен, Овејшн и Футура 2/2, ја подготвува патувачката изложба на ADC.
Изложбата на ADC – Art Directors Club која ќе биде поставена во Куршумли Ан од 4-10 септември е 90-та по ред на светско ниво, што ја прави ADC една од најстарите професионални институции во светот од областа на графичкиот дизјн.
Во исто време ќе биде проектирана и дигитална верзија на наградените дела од 9-тото издание на програмата ADC Young Guns, конкурс за млади автори до 30 г.
90-тата ADC патувачка изложба ги опфаќа наградените со злато, сребро и бронза, кои беа избрани од интернационалното жири помеѓу илјадници пристигнати пријави од целиот свет. Изложените дела во различни содржински и концептуални рамки се одзиваат на многу феномени од современиот урбан простор во широко географско подрачје.
Во визуелен контекст претставените наградени дела се приказ на пошироката меѓународна продукција, бидејќи се соработка на различни светски дизајнери, рекламни агенции, дизајн студија и образовни институции, како и различни клиенти – корпорации, компании, невладини организации, истражувачки институции и други.
Делата се во форма на аудиовизуелни дела, но и уметнички креации, бидејќи во својата појавност изложбата нуди поширок контекст на современата култура и уметност. Во исто време јубилејната 90-та патувачка изложба на ADC ја претставува праксата на високо-квалитетни продукции во светски рамки.
Изложбениот материјал по завршувањето на изложбата ќе биде дониран на една од високо образовните институции за дизајн во Скопје.
За времетраењето на 90-та патувачка изложба на ADC предавање ќе одржи г-дин Едуард Чеховин, професор на Академијата за дизајн во Љубљана, а воедно и доботник на престижната награда на ADC – Art Directors Club. Предавањето и работилницата ќе бидат наменети на професионалната и пошироката јавност.
Едуард Чеховин, дипломирал графичка комуникација и типографија на отсекот за графички дизајн на факултетот за применета уметност во Белград. Добитник е на повеќе од 50 престижни меѓународни награди како што се: Type Directors Club Award, Art Directors Club Award, Good Design Award, Graphis Award, USA; D&AD, UK итн.
Неговите трудови се објавени во сите големи меѓународни публикации за графички дизајн како што се : Graphis, Communications Arts, Print, HOW, Visible Language, Typo Directors Club Annual, Art Directors Club Annual, USA; Linea Grafica, Italy; Novum, Germany; Etapes, France, итнЧлен е на Friends of Icograda – International Council of Graphic Design Associations; ADC – Art Directors Club New York, USA; D&AD, UK член на TDC – Type Directors Club New York, USA
Предавањето и работилницата ќе се одржат на 08.09.2012 во Куршумли Ан како дел од програмата на Skopje Design Week.