Изгубен e контактот со украинските борци во челичарницата „Азовстал“ во Мариупол

Градоначалникот на Мариупол – Вадим Бојченко, изјави дека се водат тешки борби во челичарницата „Азовстал“ каде, како што рече, „украинските сили го бранат својот последен џеб на контрола во градот“. Бојченко, за украинската телевизија, информираше и дека е изгубен контактот со борците внатре во челичарницата.

Околу 100 цивили беа евакуирани од челичарницата во последниве денови, но се смета дека стотици цивили, меѓу кои и повеќе од 30 деца, сè уште се внатре.

Киев претходно информираше дека Русите „почнале бура“ во челичарницата и дека „спроведуваат силен напад“ врз индустрискиот комплекс, со тенкови и пешадија. Москва, пак, негира дека Русија ја напаѓа „Азовстал“.

„Нема бура“, тврди портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, според кого има само „ескалации“ кога Украинците заземаат напаѓачки позиции, односно дека руските сили кои го имаат опколено комплексот интервенираат само со цел „многу брзо да ги спречат обидите“ на украинските борци да стигнат до борбени позиции од кои можат да пукаат.

Песков посочи и на наредбата на Путин да не се напаѓа фабриката за челик.

Прочитајте и:  Коваленко: Денешниот ракетен удар врз Киев е почеток на масивни напади врз Украина

„Наредбата беше јавно издадена (21 април) од главниот командант (Владимир Путин) да се откаже каков било напад. Во моментов нема напади“, потсети портпаролот на Кремљ.

Вчера руското Министерство за одбрана информираше дека руските сили почнале со гранатирање на фабриката „откако украинските војници го искористиле прекинот на огнот за да заземат позиции“.

„Прогласен е прекин на огнот, цивилите мораа да бидат евакуирани од територијата на ‘Азовстал’. Тоа го искористија војниците на Азов и Украина, кои се стационирани во фабриката. Тие излегоа од подрумот, зазедоа позиции на територијата и во зградата на фабриката“, објави руската агенција РИА Новости повикувајќи се на Министерството за одбрана, според кое единиците на руската армија и на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР) користеле артилерија и авијација за да ги уништат тие воени позиции.

Според портпаролот на МВР на самопрогласената ДНР, украинската страна е таа која вчера го прекинала примирјето кај „Азовстал“ и почнала да гранатира од своите позиции кон територијата на фабриката.

Извор: МИА

- Реклама -