Наместо напад Путин нареди целосна опсада на „Азовстал“, да не може мува да прелета

Вооружените сили на Русија и на Доњецката народна републикa го ослободија Мариупол, изјави денеска рускиот министер за одбрана – Сергеј Шојгу, за време на неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Шојгу истакна дека „дел од националистичките формации се засолниле во индустриската зона на фабриката „Азовстал““.

„Од денеска, целиот Мариупол е под контрола на руската армија и на народната милиција на Доњецката народна република, а територијата на фабриката „Азовстал“ со националистите и странските платеници кои останаа во неа е блокирана“, рече рускиот министер за одбрана.

Тој потенцираше дека последните два дена руската страна имала режим на прекин на огнот од 14 до 16 часот по локално време, кога биле прекинати сите воени дејствија и се отворале хуманитарни коридори за да можат цивилите да заминат од територијата на „Азовстал“.

Според Шојгу, кога Мариупол бил опколен, вооружените сили на Украина и странските платеници броеле околу 8.100 лица.

„Во рамките на ослободување на градот, над 4.000 се уништени, а 1.478 се предадоа. Останатите, над 2.000 луѓе, се блокирани во индустриската зона „Азовстал““, додаде министерот, оценувајќи дека на руските војници им требаат три до четири дена за да ја довршат работата во „Азовстал“.

Шојгу тврди и дека биле преземени сите мерки за заштита на населението и дека, и покрај отпорот на украинските сили во Мариупол, од градот биле евакуирани над 142.000 граѓани и „ослободени биле сите заложници во пристаништето“.

Рускиот претседател Владимир Путин, пак, за време на средбата, нареди да се откаже нападот на челичарницата, со образложение дека треба да се заштитат животите на руските војници:

„Ова е случај кога треба да размислуваме – односно секогаш мораме да размислуваме, но во овој случај уште повеќе – да ги заштитиме животите и здравјето на нашите војници и офицери. Нема потреба да влегуваме во тие катакомби и да ползиме под земја под тие индустриски капацитети. Блокирајте ја индустриската зона за да не може мува да прелета“, рече Путин, притоа порачувајќи дека Русија гарантира за животот и достоинствен однос кон украинските војници кои ќе ја напуштат „Азовстал“.

Прочитајте и:  Борел: Трамп на чело на САД не е крај на светот, туку почеток на нов, поинаков

Според украинската вицепремиерка Ирина Верешчук, која побара Русија да дозволи итен хуманитарен коридор за евакуација на цивилите кои се засолнети во фабриката за челик во Мариупол, во фабриката има околу 1.000 цивили и 500 ранети војници. Сите тие треба да бидат извлечени од Азовстал денеска, напиша Верешчук на социјалните мрежи. Командант на морнарицата во фабриката, пак, вчера испратил порака до BBC дека повредените војници заробени таму „гнијат“ без лекови и други потребни материјали. Тој бара неговите луѓе да бидат евакуирани во трета земја.

Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски – Алексеј Арестович, пак, денеска на прес-конференција изјави дека причината што Путин не се одлучи за напад туку за блокада на челичаната е што „Русија не може со сила да ја заземе Азовстал“.

„Тие не можат физички да го земат Азовстал, тоа го сфатија, таму претрпеа огромни загуби. Нашите бранители сè уште го држат“, рече Арестович на брифинг.

Според Арестович, тоа може да се објасни и со фактот што Русите преместија дел од своите сили од Мариупол на север, со цел да ги зајакнат трупите кои се обидуваат да ја исполнат својата главна цел – напредување до административните граници на Доњецк и Луганск.

Извор: МИА

- Реклама -