Историчари од македонската комисија се оградуваат и ги осудуваат изјавите на Заев

„Како член на македонскиот дел од Комисијата, лично се оградувам и ги осудувам последните изјави на Премиерот и апелирам политичарите да се воздржуваат од тврдења и коментари со кои не се запознаени и не се од нивниот домен на познавања и експертиза“, пишува на Фејсбук Љубица Спасковска – доцент на Универзитетот во Ексетер во Велика Британија и дел од заедничката експертска комисија со Бугарија.

Реакцијата следува откако премиерот Зоран Заев, во интервјуто за БГНЕС, инсистираше дека не било точно дека имало „бугарски фашистички окупатор“, а дека всушност „имало некојпат некоја администрација, на почетокот“, а потоа „Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата, и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт“.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Спасковска, меѓутоа, го посочува спротивното:

„Во цела западна историографија и во доменот на јавна историја терминот ‘окупација’ е општо прифатен и за улогата на Бугарија во Втората Светска Војна доволно говори мировниот договор потпишан со сојузниците вклучително и со Македонија како дел од Југославија во 1947″.

На реакцијата на Спасковска се приклучи уште еден нејзин колега од комисијата – политологот Огнен Вангелов.

„Целосно согласен со Љубица Спасковска“, напиша тој на Фејсбук, споделувајќи ја нејзината објава, која содржи и линк до договорот што таа го посочува во контрааргументот до Заев.

Според „Дојче веле“, пак, најмалку тројца членови на македонскиот дел од Комисијата за историски прашања со Бугарија изразиле осуда на искажаните ставови на премиерот Заев.

- Реклама -