„Локални жители ни ги испратија овие фотографии од искршената спомен-плоча од Народно-ослободителната борба која сведочи за отпорот против бугарскиот фашистички окупатор. Спомен-обележјето, кое е во близина на Пробиштип, сведочи за борбите водени од Третата македонска ударна бригада заедно со Косовскиот одред, при што евидентно е дека споменикот и претходно бил во очајна состојба, поради негрижа на властите“, соопштија денеска од Левица.
„Ваквите неофашистички испади се сѐ почести, додека Македонија се соочува со ревизионизам на антифашистичката историја, каде агресорот се прикажува како жртва – за што директно е виновна покорната и автошовинистичка политика на социјал-демократите на власт! Впрочем, токму премиерот Заев, во скандалозното интервју објаснуваше дека веќе се тргнати неколку спомен-плочи на кои пишува бугарски окупатор, без никаква транспарентност пред јавноста за кои споменици се работи и кој дал таква дозвола. Целокупните процеси кои се случуваат периодов и ревизионистичкиот однос на власта спрема анти-фашистичката историја остава голем простор за сомнежи дека ваквите изолирани случаи на кршење споменици се директно поддржани од естаблишментот“, обвинуваат од партијата.
Тие бараат градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов Ладич – веднаш да преземе соодветни дејствија и да ја рестарвира спомен-плочата која, како што велат, сведочи за храбрата историја и непокор на македонскиот народ.