Иранските челници се закануваат со масивен воен одговор на секаков напад

Врховниот ирански водач, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, во саботата им нареди на вооружените сили на земјата веднаш и ефикасно да одговорат на секоја закана за да се постигне максимално одвраќање, објавија иранските медиуми.

2
Иранските челници се закануваат со масивен воен одговор на секаков напад
Фото: Нетпрес

Хамнеи изјавил по состанокот со воените команданти дека нема да има „географски ограничувања“ и дека Иран ќе диктира кога и под кои услови ќе заврши конфликтот со САД. Врховниот водач, исто така, наредил обновување на списокот на цели, се додава во медиумските извештаи.

Хамнеи, кој има врховна власт над иранските вооружени сили, рекол дека списокот треба да ги вклучува сите видови материјални и нематеријални средства на САД и Израел кои се во дострелот на иранската војска.

Реклама

Иранската закана доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп наводно добил брифинг за можните воени опции во врска со Иран за време на ретка средба во четири очи со адмиралот Бред Купер, шеф на Централната команда на САД (CENTCOM), која е одговорна за Блискиот исток.

Американскиот весник The Wall Street Journal, кој повикувајќи се на свои извори извести за брифингот, го опиша состанокот како можен показател дека нова голема воена операција на САД може да биде неизбежна.

„Црвените линии се минато“
Претходно во саботата, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, се закани дека ќе одговори со големи воени напади на секој нов напад врз иранскиот народ.

Арагчи одговараше на коментарите дадени од германскиот канцелар Фридрих Мерц за време на неговата посета на Јужна Кореја, кога Мерц повика на брз крај на војната со Иран и истакна дека само зголемувањето на цените на енергенсите ја чинела Европа повеќе од 100 милијарди евра.

Реклама

Во објава на платформата X, Арагчи рече дека сто милијарди евра не се ништо во споредба со разорниот удар што моќните вооружени сили на Иран ќе им го нанесат на оние што се осмелуваат да му наштетат на нивниот народ.

Истакна дека Мерц го поздравил минатогодишното израелско-американско бомбардирање на Иран велејќи дека тоа врши „валкана работа за Европа“. „Црвените линии се минато“, порача Арагчи на англиски јазик.

На 17-ти јуни 2025 година, за време на интервју за германскиот јавен радиодифузер ZDF на самитот на Г7 во Кананаскис, во Канада, Мерц рече: „Ова е валканата работа што ја прави Израел – за сите нас. Овој режим влијае и на нас“.

Мерц тогаш продолжи велејќи дека „многу ја почитува храброста на Израел да го избере овојпат“ и дека во спротивно „светот би можел да биде сведок на континуираниот терор на Техеран со месеци и години, потенцијално со нуклеарно оружје“.

Забелешката на Мерц за „валканата работа“ предизвика бран критики. Подоцна изјави: „Така го опишав. Нема потреба да се повторува. Може да се изрази на различни начини“.