Иран со осуда за „дестабилизирачкото присуство“ на САД на Блискиот Исток по најавите за распоредување американски бомбардери и други сили

Иранското Министерство за надворешни работи денеска го осуди „дестабилизирачкото присуство“ на САД на Блискиот Исток, бидејќи Вашингтон најави распоредување на стратешки бомбардери Б-52 во регионот за да го брани Израел, заколнатиот ирански непријател.

-Отсекогаш верувавме дека американското присуство во регионот е дестабилизирачко, рече на прес-конференција портпаролот на иранското МНР, Есмаил Багаи.

Минатата недела Пентагон соопшти за доаѓање на американски бомбардери Б-52 и други сили на Блискиот Исток за „одбрана на Израел“, близок сојузник на САД, со што Иран беше  предупреден да не презема дополнителни чекори.

-Зајакнувањето на (американското) присуство ќе создаде поголема тензија и сигурно нема да влијае на нашата решеност да се браниме, рече Багаи, одговарајќи на прашање за пристигнувањето на американските бомбардери.

Прочитајте и:  Руте: Најдобро е земјите кои и обезбедуваат оружје на Украина да не и поставуваат ограничувања за тоа како да го користи

На 26 октомври, израелски авиони нападнаа воени објекти во Иран како одмазда за иранското лансирање ракета врз Израел на 1 октомври.

Иран објави „ограничена штета“ и додаде дека загинале четворица војници и еден цивил.

Техеран го претстави својот напад како одговор на убиството на водачите на исламистичките движења Хезболах во Либан и Хамас на палестинската територија на Појасот Газа.

- Реклама -