Инцидент на одбележувањето на 11 Октомври: Герила акција на Левица со критики до Заев, тој им порача да си посетат психијатар

Денеска, среде одбележувањето на 11 Октомври и 80-годишнината од народното востание против фашистичкиот окупатор, група активисти на политичката партија Левица, во криптата на Могилата на непобедените во Прилеп, предизвика скандал за време на положувањето на цвеќињата од страна на државниот врв во знак на почит за борците чии мошти се во Криптата.

11-те активисти на Левица пристигнаа во меморијалниот комплекс пред почетокот на свеченоста и останаа на своите позиции блокирајќи го пристапот до споменикот дури и кога државните делегации положуваа цвеќе. Поголем инцидент немаше бидејќи обезбедувањето, вклучително и на претседателот Стево Пендаровски, не реагираше и не се обиде да ги отстрани демонстрантите. И неговата, и делегацијата предводена од премиерот Заев, едноставно ги заобиколија лицата и го положија цвеќето.

Сепак, кога положуваше цвеќе премиерот, еден од активистите му се обрати со зборовите:

„Немаш лице да се појавиш овде, бе, Зоки. Му се посра на сите што се овде загинати. Треба да си славите празник уште еден вие во Бугарија таму, не овде! Ова не е ваша територија“.

„Посетете си психијатар“, возврати видно налутен премиерот Заев.

– Че видиме кој е за психијатар.
– Се гледа.
– Да појме заедно ако сакаш, продолжи размената помеѓу двајцата.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

На крајот, премиерот посочи дека треба да им е срам така да се обраќаат на делегација на Владата на Македонија, на што активистот од Левица врати дека нему треба да му биде срам. Сето ова можеше да се види во преносот во живо.

Инцидент имаше и пред интонирањето на државната химна. Истиот активист реагираше дека тоа е химна на Македонија, а не на „Северна Македонија“.

„А оваа владина делегација шо дојде овдека нема никакво лице да биди овдека, а камоли право“, додаде тој.

„Не може премиер кој прави историски ревизионизам на бугарскиот фашизам, да доаѓа и ладнокрвно да положува цвеќе кај најсветото место на македонскиот антифашизам! Тоа е навреда кон АСНОМ-ските идеали на овој народ“, порачаа од партијата Левица во однос на акцијата на нивните активисти од прилепскиот огранок.

Покрај присутните, за ваквата постапка на Левица реагираа и граѓани на социјалните мрежи. Додека едни сметаат дека герила акцијата е за пофалба и дека активистот зборувал во име на народот, други сметаат дека е срамота тоа да се случува на ваков празник и во криптата на Могилата на непобедените, каде почиваат моштите на 462 борци од вкупно 650-те што ги дал Прилеп.

- Реклама -