Интервју на Груевски: Ова се удбашки методи, ВМРО-ДПМНЕ треба да е фокусирана да ги симне СДСМ од власт (ВИДЕО)

Екс-премиерот, поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и азилант во Унгарија, во кратко онлајн интервју за „Инфомакс“, демантираше дека има некакво УСБ и дека има оска на соработка меѓу него и СДСМ и ДУИ.

Прикажувањето на УСБ како доказ го опиша како „удбашки методи“, инсистирајќи дека секој може да направи УСБ за 15 минути и да напише во него што сака.

Груевски рече и дека нелогични се обвинувањата дека договорал измени на Кривичен законик со кои ќе куртули само од еден предмет против него. Кога би договарал, пологично е да договарал нешто што ќе му помогне во сите или најголем дел од предметите, рече екс-премиерот.

Груевски нема дилема дека измените на Кривичниот законик се за власта да си помогне самата себе и да си олесни некои идни прогони против нив кога ќе дојде друга власт. Но, Груевски нагласи, прашан „зошто ВМРО-ДПМНЕ правеле кворум“ за измените на КЗ, дека и поединци од ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат „колатерална корист“ од измените.

Прашан дали е можно, како човек што 14.5 години бил лидер на ВМРО-ДПМНЕ и 11 години премиер, да има соработка со ДУИ и СДСМ, Груевски категорично демантира.

„Не, не е можно. Тоа е пропаганда, тоа е слоган. Тоа е исто како јас сега да кажам ‘оската Мицкоски – Заев’ и само да го повторувам тоа“, рече Груевски.

Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ очигледно е тргната во една сосема непотребна офанзива против него и неколку пати повтори дека не му е јасно што и зошто ова се случува во партијата. Можеби се уценети, можеби некој нешто им подметнува, или можеби мислат дека сега се силни и е време да се пресметаат со него бидејќи мислат дека така ќе добијат повеќе, се неговите претпоставки. Некој кој е лидер обично гледа да ги обедини сите и во крајна линија да оствари поголема победа, додека овие процеси се токму обратното, оцени Груевски.

Демантирајќи дека влијае или се обидува да влијае врз пратеници, тој рече дека најмалку година дена немал разговор со ниту еден пратеник, а и претходно тие биле ретки, но никогаш не биле на темата измени на Кривичен законик. Категоричен е и дека немал никаква комуникација со Мицкоски уште откако е во Будимпешта, па и иронично забележа дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ со тоа и јавно се фали.

Груевски нагласи и дека низ годиниве намерно се држел настрана од главните теми на ВМРО-ДПМНЕ и коментирал на други теми, како историјата и демантирање на СДСМ, за да не му даде основа на наративот дека тој од Будимпешта ја контролира партијата и диктира ставови на актуелните теми.

Прашан за уставните измени, Груевски повтори дека го поддржува ставот „против“ на ВМРО-ДПМНЕ и дека опозицијата не треба да го смени овој став. Но, нагласи дека уставните измени „не се ни 5%“ од проблемот со Бугарија и дека следното и клучно прашање ќе биде историјата, односно дека Софија ќе сака да признаеме дека до АСНОМ 1944-та сме биле Бугари. Груевски повтори дека тоа е историска лага и предупреди дека ако на тоа поле се направи некаков голем компромис, Бугарија секогаш во иднина ќе полага некакво право на Македонија. Тука треба многу да се внимава, нагласи екс-премиерот.

Прашан како доживува што и покрај тоа што 5 години е во Унгарија сè уште е најпопуларен политичар во земјава на анкетите за јавно мислење, Груевски прво потсети дека одговорите на тие анкети многу зависат од тоа како е поставено прашањето. Потоа оцени дека штом тој, после толку години неактивност е најпопуларен, тоа значи дека граѓаните не се задоволни од актуелните политичари. Фактот што граѓаните се навраќаат на некое друго време зборува дека постои големо незадоволство од актуелните политичари.

На крајот тој се наврати на ВМРО-ДПМНЕ и ја охраби партијата да направи чекори со кои побрзо ќе ја срушата владата, бидејќи, како што рече, една година чекање е многу, а луѓе секојдневно заминуваат од државата поради зголемената сиромаштија, опаднатата економија, неправдата. Чекање уште година дена за избори значи илјадници заминати од Македонија, оцени Груевски и порача дека потребна е конкретна и квалитетна политичка и економска понуда и обмислени проекти.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

„Колку што гледам граѓаните се подготвени да излезат на протести за побрзо паѓање на оваа власт, но потребна е и поголема активност на ВМРО-ДПМНЕ. Треба да се фокусираат на тоа, а не да влегуваат во вакви шеми во коишто којзнае кој ги втурнал или се резултат на некои нивни проекции… како што читав по медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ… дека тоа ќе им создало подобар коалициски капацитет, дека ќе привлекле повеќе независни гласачи… Ќе привлечат независни гласачи ако дадат квалитетна понуда, ако се активни, ако се борат за граѓаните, а не ако чекаат некој да падне за они да дојдат на власт.

Тоа е тоа, тоа е мојата порака. Јас се трудам да се воздржам, и во овие Фејсбук натписи овие денови откако ме нападнаа брутално, јас се трудам да се воздржам да не кажам некои работи што ќе им направат голема штета. Јас имам многу информации, и од времето кога сме биле заедно и од потоа, но, можеби забележувате, прилично воздржано зборувам иако сум незадоволен за многу работи. Но не е важно тоа, важно е да се смени оваа власт и да дојде некој што ќе помогне на граѓаните. И затоа штедам зборови, внимавам што зборувам. Јас до 19 септември, кога излезе интервјуто на Мицкоски, еден збор немав кажано јавно против ВМРО-ДПМНЕ со кој би направил некаква штета, ни еден. Јас со многу нивни политики не се согласував и сега не се согласувам, но не излегувам тоа јавно да го кажам за да не направам штета, зашто промена на оваа власт е потребна час поскоро. И сега, во ова интервју, многу внимавам… на пример, го спомнавте Александар Николоски… Јас толку работи можам да му одговорам на Александар да не може да се отплетка со месеци. Или на Христијан. И да се занимаваат само со мене и да се чудат што ги снашло. Не сакам да го направам тоа, се трудам да не го правам затоа што таа партија не е на Александар и на Христијан, тоа е партија на… барем јас кога бев… 181 илјади членови со име, презиме, потпис. И се трудам да се воздржам за глупостите што поединци ги прават, да не возвратам силно, како што знам, за да не им направам голем проблем. Ги оставам да лудуваат некое време, да им помине. Ако им е битно да кажат дека еве: се скарале со Груевски, го победиле, сите застанале на нивна страна… Океј, нема проблем…“, рече Груевски, додавајќи дека и нему му се јавувале куп луѓе да му понудат јавна поддршка, но тој тоа го одбил.

„Не, не ми е идејата сега да влегувам во една таква операција за рушење на ВМРО-ДПМНЕ“, им одговорил на понудите, тврди тој.

„Ако почнеме масовно и јас и моите приврзаници што се незадоволни од ова раководоство, да го правиме тоа, тоа води во една друга насока. Меѓутоа, овие луѓе како да сакаат да се случи тоа. Упорно, секојдневно напаѓаат. Не знам за што се работи, не сакам да употребувам некои медицински изрази, не е згодно тоа сега да го правам и тоа ќе направи штета. Меѓутоа, сулудо е сето ова што го прават. Нека си се фокусираат на тоа за што постојат, на тоа за што ги избрале“, порача Груевски.

Целото 37-минутно интервју погледнете го на Фејсбук страната на „Инфомакс“.

- Реклама -