Имаат ли родителите омилено дете?

GALERIE

Социологот Кетрин Конџер реши да утврди дали во семејството сите деца се подеднакво сакани.

Во истражувањето учествувале 384 деца, кои биле прашани како родителите се однесуваат кон нив, дали исто така се однесуваат кон нивните браќа и сестри и како тоа влијае на нивната самопочит. Малку глупо е да им ги поставиш прашањава на деца, како прво затоа што секое ќе биде максимално субјективно во одговорите и веројатно ќе каже дека е третирано полошо од браќата и сестрите, а како второ – затоа што самопочитта е малку прекомплексен концепт за едно обично дете.

Како и да е, истите прашања им биле поставени и на родителите, со цел да се споредат резултатите. Од одговорите се испоставува дека најстарите деца се чувствуваат најсакани, додека помладите деца сметаат дека им се посветува помалку внимание и дека родителите кон нив се построги, затоа што веројатно „си ја научиле лекцијата“ со постарите деца. Притоа, секој постар брат и секоја постара сестра знаат дека во реалноста е баш обратно, ама ај, ќе го земеме ова како корисно бидејќи сепак нуди увид во тоа како се чувствуваат помалите деца во семејството.

Сеедно… Од децата се очекуваше да одговорат баш така, но тоа што изненадува е искреноста на родителите. Наместо како по правило да се борат до смрт и да не признаваат дека не ги сакаат сите деца подеднакво, тие си ја признале најголемата тајна – 70% од татковците и 74% од мајките им признале на истражувачите дека кон едно од децата се понаклонети отколку кон другите. Пак, ништо ново и непознато, ама барем сега го имаме како признание.

Се разбира, тоа не значи дека родителите не си ги сакаат другите деца и не би направиле сé за нив… само дека ги сакаат помалку.

До следното глупо истражување, драги читатели, пријатно.

- Реклама -