Играчите на Ајакс славеле зашто им се паднал Реал Мадрид

Во еден од дуелите извлечени со ждрепката за Лигата на шампионите, ќе играат Ајакс и Реал Мадрид. Првиот натпревар ќе се игра на 13 февруари во Амстердам, а реваншот две недели подоцна, во Мадрид, се разбира.

 

Последниве години Реал Мадрид беше најлошиот можен противник што може да ви се падне на ждрепка. Момците на Зидан победуваа без разлика кој и да им се паднеше како противник. Меѓутоа, сега ситуацијата е далеку поинаква. Реал е неуверлив како во Европа, така и во домашното првенство. Групната фаза во ЛШ ја завршија со пораз од 0:3 против ЦСКА, и тоа дома, на Сантијаго Бернабе.

Капитенот на Ајакс – Дејли Блинд, ја опишува атмосферата меѓу играчите по ждрепката:

Прочитајте и:  Реал Мадрид се откажа од привлекувањето на Александер-Арнолд

„Повеќето од момците урлаа од среќа, а некои и скокаа по масите. Реал е голем тим, ама ние сме полни со самодоверба. Овие сезони одлично се носевме со најсилните тимови, како Баерн, и покажавме колку сме добри. Имаме време за одмор и сигурен сум дека максимално подготвени ќе ги дочекаме тие натпревари“.

Ајакс навистина во моментов е во фантастична форма. Постигнаа дури 20 голови во последните четири натпревари, а во последната средба пред зимската пауза го победија De Graafschap со 8:0. По 16 кола во холандското првенство, Ајакс е втор на табелата, со само два бода помалку од PSV. Двата тима имаат импресивна гол-разлика: 57-7.

- Реклама -