Израелските одбранбени сили (ИДФ) издадоа соопштение за операцијата во болницата Ал Шифа во Газа во кое тврдат дека откриле „оперативен команден центар, оружје и технолошки средства“ кои му припаѓаат на Хамас во зградата за магнетна резонанца во објектот.
Во соопштението се вели дека пронашле „технолошки средства, заедно со воена и борбена опрема“ во еден оддел на болницата.
Како што пренесе Би-Би-Си, израелската војска, пак, соопшти дека пронашла „оперативен команден центар и технолошки средства“.
Се вели дека „технолошките средства и обемните разузнавачки информации“ се „префрлени на целосна проверка од страна на релевантните органи“.
Во соопштението се додава дека кога војниците влегле во болничкиот комплекс, тие се пресметале со голем број членови на Хамас и ги убиле, без да бидат наведени други детали.
ИДФ информираа дека „продолжуваат да дејствуваат во болничкиот комплекс, притоа извлекувајќи разузнавачки информации и спречувајќи да им нанесат штета на медицинските тимови и цивилите кои се засолнети таму“.
Исто така, на социјалните мрежи ИДФ објавија неколку фотографии од, како што тврдат, оружје пронајдено за време на операцијата.
Фото: ИДФ на Х