Во Гданск во Полска има еден мал автомеханичарски салон што е контраст на денешниот беспотребен консумеризам. За сите свои операции користи прастар Commodore 64.
Да, зборуваме за истиот тој компјутер што излезе пред 34 години и што постигнуваше максимум брзина 1 мегахерц (го пишуваме со букви за да не се збунат помладите) и 64 килобајти RAM. Во употреба беше пуштен во 1982, производството прекина во 1994, а еве, успешно води бизнис и во 2016.
Вообичаено е помалите бизниси (и низ светот) да користат постара технологија на која ѝ поминало времето, ама да цепаш Commodore 64 во ера кога на бебињата прво им даваат смартфони, па цуцла – е тоа е олд-скул до коска.
Според фејсбук страната на Commodore USA, Комодоре-то на овој автомеханичарски сервис работи нон-стоп повеќе од 25 години. Има преживеано дури и поплава.