Ховениер за заканите на Вучиќ: Најуспешниот воен сојуз во историјата е во Косово

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер, изјави дека не е загрижен, а ниту народот во Косово не треба да се чувствува загрижен од заканите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој порача дека Србија го чека „најдобриот можен момент“ за да се избори за својата кауза, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред новинарите по средбата со косовскиот вицепремиер и главен преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бислими, Ховениер рече дека „најуспешниот воен сојуз во историјата“, НАТО, е во Косово и е подготвен да дејствува доколку е потребно.

– САД силно се залагаат за мирот на народот во Косово. Можам да кажам дека сме посветени на безбедноста на Косово. Не остануваме сон навечер грижејќи се поради таа закана, бидејќи веруваме дека НАТО е подготвено и готовно. И мислам дека ниту народот на Косово не треба да остане без спиење, бидејќи најуспешниот воен сојуз во историјата има моќно присуство и е подготвен да го направи она што е потребно, рече американскиот амбасадор.

Вучиќ изјавата која се толкува како директна закана за агресија врз Косово ја даде во саботата, на одбележување на 20-годишнината од погромот на Србите во Косово, во кои беа убиени 16 Срби. Тој ѝ порача на Европската унија дека треба да бира на чија страна ќе биде.

– Не е проблем, сакате да бидете со нив (со Приштина), нема да не имате, сакате да бидете со нив и да им помогнете, ќе преживееме, но ние сме доста умни и доста храбри и научивме доста многу и добивме многу искуство по сето она што ни го направивте во последните 25 години, за да го чекаме најдобриот можен момент и да се избориме за нашата кауза, рече Вучиќ по средбата во Белград со деца од српското малцинство во Косово.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

Во врска со изјавите на американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, кој рече дека „Србија е поблиску до НАТО отколку Косово“, Ховениер по средбата со Бислими рече дека би сакал да се спротивстави на сите кои прават споредби.

Тој нагласи дека политиката на САД е јасна дека сака секоја земја да може да носи свои одлуки за сојузите и организациите во кои ќе се приклучи, а тоа, според него, е и причината зошто ја поддржува Украина, бидејќи сака украинскиот народ да одлучува за себе, а не другите да одлучуваат за него.

Тој рече дека е свесен оти Косово одлучило дека сака да влезе во НАТО.

– Ќе направиме се за да го поддржиме ова. САД инвестираа многу енергија и се обврзаа многу да го поддржат Косово и ФСК (Безбедносните сили на Косово) во неговата транзиција… Сакаме да ја видиме оваа промена. Сакаме да го видиме идниот напредок на Косово во НАТО. Косово е многу добро со НАТО во однос на вредностите и институциите. Се разбира, има проблеми и прашања кои треба да се решат, рече Ховениер, додавајќи дека очекува Косово еден ден да стане полноправна членка на Алијансата.

- Реклама -