Херои на новото време: Свадба од 1 долар

Во ера на прескапи венчавки со краток рок на траење, млад пар од Кенија се прослави ширум светот затоа што на свадба потрошија вкупно 1 долар. 

Вилсон и Ан Мутура во текот на 2016-та година на два наврати ја одложиле венчавката, бидејќи не можеле да ги соберат ни минималните 300 долари потребни за организирање на свадба. На крајот се одлучиле да се венчаат со минимални трошоци. Нивната свадба чинела вкупно 1 долар, потрошен за двата најобични венчални прстени направени од нерѓосувачки челик, кои ги размениле за време на церемонијата. Останатите трошоци, како венчалната такса, ги покрила црквата во која се венчале.

Потегов предизвика восхит на друштвените мрежи. За обичните Кенијци, Вилсон и Ан станаа прави херои.

Се запознале пред 3 години. Велат дека сакале да се земат и порано, но никако не можеле да поминат преку финансиските пречки. Лани пробале да соберат пари од роднините и пријателите, но не им успеало. Дури и родениот брат на Вилсон го советувал да го прескокне делот со венчавката и едноставно да почне да живее со Ан, без било какви формалности. Сепак, самиот Вилсон (инаку продавач на пазарче) вели дека тоа никогаш не било опција, зашто тој и Ан сакале нешто што ќе ги врзува цел живот, живот во света заедница благословена од другите.

„Како христијани, големи верници, не сакавме да живееме во див брак. Сакавме заедничкиот живот да ни биде достоинствен, без никакви препреки“.

На крајот, венчавката е реалност, а свадбата ја направиле без торта и цветни декорации. На церемонијата дошле во секојдневна облека и во патики. Сепак, делот со прстените бил изненадување и за самата Ан. Пред самиот почеток Вилсон излетал од црквата, соопштувајќи им на сите присутни дека брзо ќе се врати. А на сечие воодушевување, најмногу на Ан, се вратил со два прстена.

Сега и самите тазе сопружници се изненадени од тоа колку се популарни на друштвените мрежи. Приликата ја искористија да ги повикаат и другите Кенијци да го следат нивниот пример.

„Верувам дека парите не треба да бидат пречка за младите луѓе ако сакаат да се венчаат. Ако се сакаат, треба и да се венчаат“, вели Ан.

Во меѓувреме, целата интернет популарност им донесе и доста свадбени подароци од низа кениски компании, што ќе им помогнат во поставувањето на заедничкиот живот. Меѓу другото, добија и 5-дневно свадбено патување, на кое треба наскоро да тргнат.

 

- Реклама -