Хамас соопшти дека Израел погодил болница во Газа и убил 600 луѓе, ИДФ ги проверуваат наводите

Хамас тврди дека Израел во воздушен напад ја погодил баптистичката болница Ал-Ахли Араби во центарот на градот Газа при што загинале најмалку 500 луѓе.

Претходно, портпаролот на палестинското Министерство за здравство изјави дека во нападот што ја погоди болницата загинале меѓу 200 и 300 луѓе, но Хамас оттогаш ја зголеми бројката на 500.

Хамас објави соопштение на Телеграм како одговор на пријавениот напад врз болницата, за кој неговите официјални лица тврдеа дека загинале стотици луѓе.

„Овој страшен колеж е злосторство на геноцид. Повеќето од жртвите во болницата се раселени семејства, пациенти, деца и жени. Нападот, исто така, ја разоткри американската и западната поддршка за оваа криминална окупација“, се вели во објавата на Хамас.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

Израелската армија соопшти дека сè уште нема детали за наводното бомбардирање на арапската баптистичка болница Ал-Ахли во градот Газа.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), контраадмиралот Даниел Хагари изјави дека извештаите за можен израелски воздушен напад врз болница во Газа сè уште се испитуваат. Хагари рече дека сè уште ги нема сите информации и ќе објави повеќе детали кога ќе биде можно.

Тој рече дека сè уште не знае дали експлозијата, која наводно предизвикала стотици жртви, била израелски напад.

„Има многу воздушни напади, многу неуспешни ракети и многу лажни извештаи од Хамас“, нагласи тој.

МИА

- Реклама -