Хамас сака независна држава со главен град Ерусалим: „Победивме на 7 октомври и ќе останеме победници“

Високи претставници на милитантното движење Хамас одржаа прес-конференција на непозната локација. Во име на Хамас зборуваше портпаролот Осама Хамдан, пренесува Скај њуз.

Тој прво се осврна на неодамнешните тврдења на портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари, кој рече дека Хамас складира оружје под болницата Шеик Хамад. Тој го негираше ова и рече дека Хамас не ги користел дупките за кои Израел тврди дека се влезови во подземен тунел.

Тој ги повика ОН да ги набљудуваат болниците во Газа за да ги видат воените злосторства на Израел и да утврдат дека Хамас нема никаква врска со тоа.

Хамдан потоа се сврте кон екранот на кој беше прикажана фотографија со наслов „Холокауст во Газа“ и рече дека Израел намерно гаѓал цивили во Газа, при што уништил, рече, околу 250.000 домови.

„Окупаторската армија цели кон… жени и деца на отворено, на улиците“, обвини Хамдан.

Тој рече дека Израелците им делеле летоци на цивилите во Газа во кои ги повикуваат да се евакуираат, а со цел, според него, да ги натераат да ги напуштат своите домови и да станат полесни мети.

Прочитајте и:  ХРВ: Принудното раселување на населението од Појасот Газа е воено злосторство

Хамдан потоа ја коментираше и пошироката, меѓународна слика.

„Ги предупредуваме сите страни, ако сакаат да му направат нешто на нашиот народ… нашиот голем палестински народ тоа нема да го прифати“, рече тој.

Според него, „САД имаат валкани планови“, но народот на Газа нема да молчи доколку Вашингтон продолжи со партнерството со окупаторите, рече тој мислејќи на Израел.

„Сакаме независна држава со Ерусалим како главен град“, истакна портпаролот на Хамас, меѓу другото.

„Секој што мисли дека Хамас ќе биде уништен е во заблуда. Хамас ќе биде победник во војната со Израел“, додаде тој.

„Победивме на 7 октомври и ќе останеме победници. Остануваме цврсто и непријателот ќе претрпи загуби и упатуваме благодарност до нашиот народ и нашите маченици“, заклучи портпаролот на Хамас, организација која е прогласена за терористичка во ЕУ, САД, Канада, Израел и Јапонија.

Извор: МИА

- Реклама -