Грузија итно подготвува барање за кандидатски статус во ЕУ

Тбилиси, 2 март 2022 (МИА) – Шефот на владејачката грузиска партија – Иракли Кобахидзе, вели дека тамошната влада подготвува итно барање за статус на кандидат за членство во ЕУ, кое утре ќе го достави до Брисел.

Кобахидзе вели дека одлуката е донесена поради „општата политичка ситуација и новата реалност“.

Од почетокот на руската инвазија се одржуваат ноќни улични собири во знак на солидарност со Украина, но и поради гнев од одлуката на грузиската Влада да не се приклучи кон меѓународните санкции против Русија.

Владата во понеделникот одби да дозволи група грузиски доброволни борци да го напуштат меѓународниот аеродром во Тбилиси и да се приклучат на војната во Украина.

Прочитајте и:  Си: Кина и Русија мораат да одржат пријателство во тешката глобална ситуација

Во знак на протест, украинскиот претседател Володимир Зеленски го отповика својот амбасадор во Грузија.

Грузиската Влада стравува да не ја испровоцира Русија, која има воени бази во отцепените грузиски региони Јужна Осетија и Абхазија.

Но, грузиските власти се под притисок во земјата да покажат дека остануваат посветени на пристапувањето во НАТО и ЕУ.

- Реклама -