Груевски и Мијалков на црната листа на САД, заедно со семејствата

Американскиот Стејт департмент ги стави на црната листа за патување експремиерот – Никола Груевски, и екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) – Сашо Мијалков, како и нивните потесни семејства.

Во соопштението се истакнува дека Стејт департментот ги презел овие активности поради нивна вмешаност во значителна корупција.

„Нивните постапки го поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во земјата и ја намалија вербата на јавноста во владата“, појаснува Стејт департментот.

Во соопштението се истакнува дека во својство на премиер, Груевски бил вмешан во коруптивни дејствија при што го користел своето политичко влијание и официјалната моќ за лична корист.

„Поточно, постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил својата положба за да бара и прима мито заради владини договори, за незаконски присвоени јавни средства и мешање во изборните процеси за политички полза за себе и за неговата партија“, стои во соопштението.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Што се однесува на Мијалков, за него се истакнува дека во својство на директор на УБК бил инволвиран во коруптивни дела кои вклучувале користење на неговото политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Според соопштението, постојат веродостојни информации дека Мијалков го злоупотребил овластувањето од функцијата за да бара поткуп за склучени договори. Тој, исто така се мешал во изборните процеси во своја и во корист на политичката партија.

Забраната за влез во САД се однесува и на потесните семејства на Груевски и Мијалков.

МИА

- Реклама -