Груби за уставните измени: Опозициски пратеници ни влеваат оптимизам, гледаме проевропско крило кај нив

Видливо е проевропско крило во опозицијата кое ќе ги поддржи уставните измени, истакна денеска првиот вицепремер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, по одбележувањето на годишнината од формирањето на Агенцијата за национална безбедност.

„Јас сум апсолутен оптимист затоа што имаме апсолутна поддршка од сите проевропски сили во земјава и надвор во однос на уставните измени и во однос на продолжување на европскиот пат на нашата држава. Гледате дека ништо не се случи по одржувањето на меѓувладината конференција во Брисел. Сѐ уште зборуваме македонски. И јас денеска зборувам македонски, пишуваме македонски и никој не нѐ бугаризираше, не нѐ асимилираше и сето тоа беше една лажна вест и една пропаганда, исто како што беше лажна вест и Тиранската платформа и дека сите Македонци ќе мора да учат албански јазик или дека ќе се подели Македонија“, истакна Груби.

Тој нагласи дека не се владее во државата со страв и дека не се владее со граѓаните со вметнување на секојдневни стравови, туку со соочување со реалноста.

Прочитајте и:  Мицкоски: Немам намера да прифатам катастрофални грешки од минатото, прифатлива алтернатива за уставните измени е одложеното дејство

„Реалноста е дека македонскиот јазик е официјален, ќе биде официјален во ЕУ, договорот со ФРОНТЕКС ќе се потпише на македонски и нашите секојдневни контакти со опозициски пратеници ни влеваат оптимизам дека тие ќе го поддржат тоа. И гледаме веќе развивање на едно проевропско крило и во опозицијата, што ме радува многу затоа што имаме потреба од опозиција која што е евроатлантски ориентирана, посебно во овие предизвикувачки времиња за државата“, истакна Груби.

Потенцираше дека Владата не се крие од одговорноста во однос на овој процес како и дека гордо пристапува кон него, но и дека е убеден дека ќе останат на чело на уставни измени и дека проевропските сили во опозицијата ќе надвладеат контра регресивните, коишто, според него, не сакаат земјата да ја видат во ЕУ.

Извор: МИА

- Реклама -