Една студија покажа дека добитниците на лото-премија се многу понесреќни по добивката, отколку пред неа.
За обичниот човек, ненадејното богатство носи и многу проблеми. Во што да инвестирате? Во кого да имате доверба? Што да им одговорите на сите блиски кои ви бараат помош? Факт е, не можете да ги задоволите сите околу вас. Сето тоа делува застрашувачки.
„Слушај паталец, а не гаталец“, рекле старите. Следниве приказни се токму од оние луѓе на кои најмногу им завидуваме и ги сметаме за неверојатно среќни, а на кои соновите не само што не им се исполниле, туку животите им се срушиле пред очи. За некои од нив, вистинска среќа би била никогаш да не играле лото. Барем еден би бил жив денес, ама не се.
Томас и Дениз Роси
Томас и Дениз биле во брак 25 години. Ако го прашате Томас, тој би рекол дека биле прилично среќни заедно. А замислете ја неговата запрепастеност кога сопругата му ги врачила документите за развод. Дениз му рекла дека веќе некое време била несреќна што нејзиниот маж секогаш бил без пари. Тоа што таа добила на лото само ден пред тоа не го знаел ни Томас, а ни судот. Од друга страна, Дениз не знаела дека во Калифорнија, законот наложува проверка на сите финансиски средства кои сопружниците имаат, па за кратко, судот ја открил нејзината лага и му ги доделил сите пари на Томас.
Иронично е што ако таа била искрена од самиот почеток, веројатно џек-потот би бил поделен 50-50, а вака лакома (?), останала со празни раце. Ова не е ни приближно трагична приказна како оние во продолжение, и покрај тоа што ни се претура во стомакот при самата помисла на горкиот вкус што ова искуство и го оставило на Дениз.
Ендрју Џек Витакер
Кога сте веќе милионер, нема потреба да играте лото, нели? Сепак, страста на еден милионер кон победувањето го довела токму до џек-потот и екстра 315 милиони долари на контото. Арно ама, токму тие милиони му нанеле многу повеќе штета отколку корист. По освојувањето на премијата, животот на Витакер полека почнал да се менува. Покрај со одредени правни проблеми, кои се составен дел на големите суми на пари, Витакер морал да се бори со своите лични демони. Неговата љубов кон алкохолот и стриптизерките го дотерала во црна дупка од очај.
Имено, додека една вечер бил во стриптиз клубот, му биле украдени пола милион долари од автомобилот, заедно со дел од личните документи. Подоцна, крадците успеале да му ги испразнат и банкарските сметки. За сето време, животот му бил исполнет со многу трагедии – во 2004-тата неговата внука умрела од предозирање со дрога, а мајка и – неговата ќерка починала 5 години подоцна. Во времето кога таа починала, Витакер го обвинувал лото тикетот за целата несреќа што го снашла во животот. Во едно интервју, низ солзи рекол: „Камо да го искинев тоа ливче“.
Ве охрабруваме да му ја раскажете оваа приказна на евентуалниот ваш познаник за кој знаете дека е милионер, а и покрај тоа зема социјална помош.
Џенет Ли
Повеќето луѓе ќе речат дека ако некогаш добијат на лотарија, меѓу другото ќе основаат и хуманитарна организација или ќе донираат поголем дел од добивката за добротворни цели. Џенет Ли припаѓала на истата таа група. Речено-сторено, голем дел од својата добивка подарила во хуманитарните води. Секој би помислил дека кармата ќе и биде наклонета, ама нејзиниот случај покажува дека ако не знаеш како со парите, ни кармата не е доволно моќна да помогне. Лошите финансиски одлуки и инвестиции довеле до тоа за само 10 години, од 18 милиони долари, Џенет да падне на ниво да мора да прогласи банкрот. Во 2001-та, таа имала само 700 долари. Многу луѓе сметале дека со тоа Џенет се вратила на состојбата пред да добие на лото, ама не биле во право. Ли останала должна цели 2.5 милиони долари, а очигледно, долг од 2.5 милиони по лото добивка е многу полош од 700 долари пред премијата.
Кели Роџерс
Во Америка не можете да играте лото ако немате 18 години, а ако се прашувате зошто, приказната на британската тинејџерка Кели Роџерс ќе ви ги даде сите одговори. Таа освоила 3 милиони долари во јули 2003-тата, кога имала само 16 години. Се разбира, тие пари бараат многу одговорност, каква што малку од нас можат да замислат. Кели на своја рака научила (на потешкиот начин) што може богатството да направи од човек, особено во неговиот однос со пријателите. Таа потрошила стотици илјади долари на саканите пријатели, купувајќи им подароци, автомобили, куќа, плаќајќи им егзотични одмори. За себе трошела на пластични операции, дизајнирана облека и се она што една просечна тинејџерка сонува да го има. Но, во 2009-тата, кога Кели била пред банкрот, нејзиниот живот почнал да се распаѓа. Сиот тој притисок ја довел Кели до два обида за самоубиство (по добивката), а станала и зависна од дрога. Денес, таа се надева дека ќе ја најде својата среќа во сиромаштијата. Работи три работи и живее со мајка и.
Вилијам Пост III
Неговата приказна звучи како бајка. Барем во почетокот…
Пораснал во сиропиталиште, а пред добивката имал само 3 долари на сметката. А сепак, добивката од 16.2 милиони долари му донела само несреќа. Во неколку интервјуа, тој секогаш инсистирал дека ќе бил многу посреќен ако останел сиромашен. Не само што станал жртва на своите лоши навики, туку веднаш по добивката му се случила трагедија.
За само три месеци потрошил пола милион долари и останал уште пола милион долари должен. Од друга страна, неговиот брат изнајмил платен убиец за да ги убие Вилијам и неговата жена. И другите негови роднини не биле помалку опасни, убедувајќи го да вложи во некои многу лоши бизнис потфати. Се завршило неславно кога Пост прогласил банкрот и поминал некое време во затвор, заради испукан куршум кон собирачите на долгови.
Тоа не е се. Во продолжение (дел 2) приказните се уште побизарни. Можете да ги прочитате ТУКА.