Изгледа како градба излезена од научна фантастика, но оваа бизарна пловечка зграда би можела да биде решение за градови кои се подложни на екстремни метеоролошки појави. Неверојатната структура е висока 366 метри, има површина од над 2,5 милиони метри квадратни и е дизајнирана за до 40.000 жители.
Во градбата ќе можете да најдете сè што може да се сретне во нормален град, хотели, продавници и училишта. Во дизајнот дури се вметнати и градини, специјални експресни лифтови за „вертикален транспорт“ подвижни ленти за пешаците. Планот за ваква градба се родил по уништувањето на Њу Орлеанс од Ураганот Катрина во 2005 година. Штета била толку голема што сè уште не е целосно отстранета.
Сега група дизајнери од Бостон составиле предлог за нов пловечки град кој ќе биде сместен на брегот на Мисисипи и кој би можел да помогне во избегнувањето на слична трагедија. Градбата е наречена New Orleans Arcology Habitat или NOAH, цврстата пирамидална структура е отпорна на силни ветрови кои едноставно минуваат низ неа. Структурата би можела да го поднесе целосниот удар на масивна бура без да има речиси никаков ефект на жителите.
Кевин Шопфер, дизајнерот на концептот, објаснува дека тимот мислел на три главни точки во планирањето на NOAH. Тој рекол: „Првиот предизвик е надминувањето на физичката и психолошката штета на бурите. Потребата за стабилна и безбедна средина е клучна за долготрајната економска благосостојба на Њу Орлеанс. Вториот предизвик е што Њу Орлеанс има премногу вода. Градот е изграден на и под нивото на морето што го прави подложен на поплави. Третиот предизвик е што градот е изграден врз стотици метри мека почва, глина и тиња.“
„Овие услови ја прават изградбата на големи тешки структури многу тешка. Нашето решение за надминување на овие предизвици е да ги заобиколиме градејќи пловечка урбана платформа. Според овој нов план треба да создадеме нова заедница од 40.000 жители. Покрај станбените единици, во градбата би биле сместени и училишта, деловен простор, хотели, казина ,паркинзи и јавни површини.“ [Floating cities could make devastation caused by climate changes a thing of the past]