Град Скопје побара раскинување на договорот со Линк медиа плус дооел за новогодишно украсување на градот во вредност од 14.986.000 денари односно 243.000 евра, информираат денеска од Град Скопје.
Како што образложија, причината е тековната енергетска криза, заедно со фактот дека државата набавува електрична енергија со драстично повисока цена и во согласност со владината одлука за прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор.
Од Град Скопје, исто така, најавија дека од следната година, наместо досегашната практика на ненаменско трошење на парите на граѓаните и ангажирање на компанија за украсување, Град Скопје ќе набави украси кои ќе бидат сопственост на Градот, со што, велат, ќе се заштедат значителни средства од градскиот буџет кои досега секоја година се трошеле за еднократен годишен закуп на овие украси.
Ова, додаваат од Град Скопје, е само прв пример за воспоставување нова пракса на одговорно и транспарентно работење на Градот, со што, потенцираат, ќе се стави крај на неодговорното работење и трошење на градските буџетски средства.
И градоначалничката Данела Арсовска, денеска на прес-конференција, изјави дека сред енергетска криза потребно е да се почне со штедење на средствата на скопјани, а парите да се трошат наменски и на приоритети.
Одговарајќи на новинарско прашање за раскинатиот договор за новогодишно украсување на главниот град, Арсовска рече дека наишле на голем број предизвици кои, како што рече, неопходно е да се разрешат во првите 100 дена од почетокот мандатот.
„Сакаме да ги прекинеме сите ненаменски или пак сите трошења кои не се соодветни, односно кои граѓаните сметаат дека не треба да се прават, а до овој момент биле правени од буџетските средства кои се на граѓаните на Град Скопје. Верувам дека ова е едно од тие трошења, особено кога сме соочени со прогласување енергетска криза од Владата, а се соочуваме и со соодветни рестрикции, според изјавите на министерот за економија, дека е неопходно да ги преземеме сите чекори кои се возможни, прво да ги зачуваме и домаќински да работиме со средствата на скопјани, а понатаму да го слушаме и нивниот глас“, рече Арсовска, додавајќи дека се работи за договор кој бил склучен пред почетокот на нејзиниот мандат.
Извор: МИА