Управата на еден фитнес центар во австрискиот град Линц, морала да повика помош од „голи полицајци“ за да се запре се раширената појава на интимни односи меѓу посетителите на нивните сауни. Според мислењето на луѓето кои го водат центарот, за најголемиот број посетители, топлината и влагата се сосема доволни за загревање и опуштање на телото и без било какви „дополнителни активности“.
Така и ќе останело доколку фитнес центарот „Паркбад“ не примил многу приговори од неговите редовни гости, незадоволни што некои посетители сауните ги користат за „недозволиви интимности“. Управата тогаш ангажирала една локална приватна фирма за безбедност за да се справи со проблемот. Оперативците на фирмата требало да испитаат што всушност се случува во сауните и да спречат „непристојно однесување“ доколку некои претераат со својата блискост, па затоа морале да влегуваат разголени, или голи во сауните и да внимаваат на ситуацијата.
Во Австрија и во Германија е дозволено во некои сауни да има мешовити (машки и женски) посетители и тие да не мора во секој момент да имаат пешкир кој ја покрива нивната интимност. Австриските медиуми не откриваат како дејствувале „полицајците“ доколку имало потреба да се интервенира, но забележуваат дека сите „голи специјалци“ биле машки.
Нема податоци дали по ангажирањето на безбедносната фирма, се намалил бројот на приговорите од оние кои го покренаа прашањето за преголемата блискост на посетителите, во мешовитите сауни на фитнес центарот во Линц.