Обединетите нации ги спорат причините што Москва ги наведе за суспендирање на договорот за извоз на жито од Украина, постигнат со посредство на Турција и ОН, што го стори поради нападите со дронови врз нејзината Црноморска флота, обвинувајќи ја Украина дека ја искористила заштитата на коридорот за овие напади.
Според ОН, меѓутоа, во моментот на нападите коридорот немал посебен статус.
„Кога бродовите на Иницијативата (за договорот за жито) не се во областа, коридорот нема посебен статус“, изјави координаторот на ОН за итна помош, Мартин Грифитс, на денешниот состанок на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.
„Тоа не обезбедува ниту покритие, ниту заштита за офанзивни или одбранбени воени дејствија. Не може да се користи како штит или засолниште. Ниту е забранета зона“, додаде тој, потенцирајќи дека ноќта на наводните напади немало товарни бродови во коридорот.
Според Москва, во нападите настрадале и неколку цивилни бродови, а биле „афектирани“ и бродови што се инволвирани во обезбедувањето на „житниот коридор“.