Германски медиуми: Американските тајни служби сѐ уште ја шпионираат германската Влада

Американските тајни служби сѐ уште ја шпионираат германската влада иако американската администрација најави крај на шпионските активности по скандалот со прислушувањето во 2013 година, објавија денеска германските медиуми.

„Американските тајни служби ги шпионираа германските владини тела дури и по скандалот со шпионирањето германски политичари во 2013 година“, известуваат јавниот сервис АРД и неделниот весник Цајт, повикувајќи се на документи кои неодамна станаа јавни, од т.н. афера „Пентагон-Ликс“.

Германските медиуми дојдоа до документи од кои евидентно е дека американските тајни служби го шпионирале германското Министерство за одбрана. Поточно, станува збор за односите меѓу Германија и Кина на полето на воената соработка и извештајот од средбата во февруари годинава.

Според германските медиуми, не е спорна содржината на материјалот во кој германското Министерство за одбрана оценува дека соработката со Кина не треба да се оспорува туку тоа што документот покажува дека американските власти дошле до тие податоци откако ѝ ветија на германската влада во 2013 година дека ќе престане да го шпионира германскиот врв.

Прочитајте и:  Германија усвои закон со кој се овозможува административна промена на пол и име еднаш годишно

Тогаш беше откриено дека американските тајни служби редовно, делумно од преслушната станица сместена во зградата на американската амбасада во центарот на Берлин, ги прислушувале мобилните телефони на германски политичари, меѓу другите и на тогашната канцеларка Ангела Меркел.

Документот кој сега се појави во јавноста среде аферата „Пентагон-Ликс“ е добиен, според медиумите, со упад во ИТ системот.

Претставниците на германската Влада во првата реакција на медиумските наводи изјавија дека случајот прво мора да се расчисти со нивните американски колеги.

МИА

- Реклама -