Поранешниот германски канцелар и екс-лидер на социјал-демократите – Герхард Шредер, смета дека Германија треба поодлучно да се дистанцира од САД.
Изјавата на Шредер се однесува на барањата на администрацијата на Доналд Трамп, според кои Берлин треба да ја ограничи или запре трговијата со одредени држави.
„Иран, Кина, Русија… Ако ова продолжи нема да смееме со никој да имаме економски односи. Тоа е неприфатливо за земја зависна од извоз каква што е Германија. Тоа мора да им се каже и на Американците, и покрај сета почит и пријателство“, рече Шредер.
Шредер ја коментираше и состојбата со гасоводот Северен тек. Американците вршат силен притисок проектот да се запре, истакнува тој.
„Тоа не го прават од љубов кон Украина, туку затоа што сакаат тие самите да ѝ испорачуваат гас на Германија – течен гас, послаб по квалитет, но затоа поскап од земниот гас“, истакна Шредер.