Геополитиката стана „структурен пазарен ризик“, војните остануваат најголема закана за глобалната економија во 2024-та

Најголемата економска закана во претстојната 2024 година ќе остане насилството во меѓународните односи, бидејќи еден напад може да ги наруши економските и пазарните очекувања на глобално ниво, покажува новото истражување спроведено од компанијата Натиксис, а со кое се опфатени 500 инвеститори во светот.

Годишното истражување наведе и други закани за глобалната економија, како што се грешките во политиките на централните банки (особено ФЕД, американската централна банка проследена со другите институции во светот), пад на потрошувачката или забавување на кинеската економија. И минатата година, инвеститорите ја оценија војната како најголем економски ризик, според тогашното истражување на Natixis.

Една година пред тоа, односно на крајот на 2021 година, кога светот сè уште излегуваше од индустриското забавување што беше последица на пандемијата, според инвеститорите, најголем економски ризик за 2022 година беше нарушувањето на синџирот на снабдување, бидејќи тогаш не предвидуваа дека Русија ќе ја нападне Украина.

Во истражувањето на менаџери на фондови, Bank of America Global Research, 89 отсто од испитаниците рекле дека геополитичкиот ризик е над нормалниот. Инвестицискиот институт BlackRock претходно објави дека историските геополитички настани имале краткорочни пазарни и економски влијанија – но дека тоа се променило во новиот глобален режим кој е помалку стабилен.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

Геополитиката денес, според експертите на BlackRock, е „структурен пазарен ризик“. „Откако видоа дека раните фази на руската инвазија на Украина предизвикуваат големи скокови во цените на енергијата и храната во 2022 година, институциите имаат добра причина да бидат загрижени бидејќи геополитичкиот „пејсаж“ изгледа помалку стабилен во 2024 година“, се вели во извештај на Натиксис. Како што се додава, истражувањето е направено токму во моментот кога палестинската организација Хамас изврши напад врз Израел, а Иран и Северна Кореја го зајакнаа сојузот со Русија.

Во анкетата, околу 70 отсто од испитаниците велат дека веруваат дека растечкиот сојуз меѓу Русија, Северна Кореја и Иран ќе доведе до поголема економска нестабилност.  Од друга страна, 72 отсто од испитаниците сметаат дека кампањата за претседателските избори во САД ќе доведе до поголема нестабилност на пазарот.

- Реклама -