САД одамна ѝ укажаа на Украина да не користи воена опрема произведена од САД за напади врз руска територија, изјави денеска високиот американски генерал Марк Мили – началникот на здружениот генералштаб на САД, во врска со наводите дека американски борбени возила биле користени во нападот на „проукраинската вооружена група“ на рускиот пограничен регион Белгород.
Мили, како и претходно советникот за стратешки комуникации во Белата куќа – Џон Кирби, изјави дека неговиот кабинет ги прегледува фотографиите од возилата кои Кремљ тврди дека биле запленети од групата во Белгород и ги објави како доказ за употребата на американска воена опрема во нападите на руска територија, а со тоа и доказ сѐ поголемата вклученост на Западот во конфликтот.
Мили, сепак, тврди дека на Киев му е јасен ставот на САД дека опрема од американско производство не треба да се користи во Русија.
И Кирби претходно изјави дека САД јасно му ставиле до знаење на Киев дека не подржуваат каква и да било употреба на американска опрема за такви цели.
Руски воени лица, инаку, синоќа изјавија дека наводно ги пронашле милитантите кои го нападнале регионот на Белгород со оклопни возила, и дека убиле повеќе од 70 „украински националисти“, а дека останатите избегале назад.
Извор: МИА