Галант: Израелските војници се во срцето на Газа, ќе го уништиме Хамас

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави вечерва, на 32-от ден од војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас, дека израелските војници се наоѓаат во „срцето на градот Газа“.

„Ќе го уништиме Хамас. Нашите сили се подготвени на сите фронтови“, рече Галант на прес-конференција во Тел Авив, оценувајќи дека „Газа е најголемата терористичка база некогаш изградена“ и дека „нема да има хуманитарен прекин на огнот без враќање на заложниците“.

Галант рече дека војниците ги напаѓаат упориштата во Газа „од сите правци, во одлична координација со поморските и воздушните сили“, затегнувајќи го обрачот околу главниот град.

„Ќе продолжиме до победа и додека заложниците не се вратат дома“, рече израелскиот министер за одбрана.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

За лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, тој рече дека „се крие во бункер и не е во контакт со своите соработници“, ветувајќи дека ќе го елиминираат.

„Денес видовме илјадници жители на Газа како одат на југ (во таканаречениот хуманитарен коридор)“, рече израелскиот министер и повторно ги повика сите жители на градот Газа да се преселат во побезбедни области на југот.

„Ќе го уништиме Хамас, немаме интерес да им наштетиме на цивилите“, додаде Галант.

Осврнувајќи се на зголемените меѓународни барања за хуманитарни паузи, тој рече дека тоа зависи од враќањето на заложниците кои, како што рече, „ги држат дивјаци“.

МИА

- Реклама -