Фуере: „Вмешувањето на идентитетските прашања може скапо да ја чини ЕУ“

Вовлекувањето на идентитетските прашања во евроинтегративниот процес на Македонија „може скапо да ја чини ЕУ“, пишува поранешниот евроамбасадор во земјава – Ерван Фуере, во анализа за Центарот за европски политички студии (ЦЕПС) – еден од највлијателните тинк тенкови во Брисел.

Како што посочува Фуере, Бугарија на земјите членки им презентира еднострана верзија на историјата за време и по Втората светска војна, и тоа верзија која ја наведе Софија да бара од Северна Македонија признавање на „бугарски корени“ и јазик“.

Правејќи паралела со евроинтегративните процеси на Ирска и Велика Британија, Фуере (кој е Ирец) потенцира дека и тогаш, во тоа време, доколку се следеле историските аргументи, овие земји никогаш немало да станат членки. Историските дебати не се решаваат за една или две, па ни за 10 години, порачува Фуере.

Со одлуката на политичките партии сега да ја туркаат нивната верзија на историјата, а поврзана со пред сѐ со домашната политика, тие прават штета на Македонија, нивниот најблизок сосед, но и ја држат во заложништво политиката на проширување на самата ЕУ и притоа ги поткопува принципите и условите за зачленување во Унијата, истакнува поранешниот евроамбасадор во анализата, која ја пренесува „А1он“.

Во анализата, Фуере упатува и критики до другите земји членки на ЕУ, кои, како што вели, вложиле недоволно напор да ја разубедат Бугарија.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Во поглед на пакетот со Албанија, Фуере смета дека  неодвојувањето на нејзиниот евроинтегративен процес во ситуација кога Бугарија останува на ставот за вето, ќе значи двоен пристап и недоследност во политиките на ЕУ, а притоа бугарската позиција автоматски ќе стане и позиција на ЕУ. Тоа ќе создаде „дури и полош преседан од оној со спорот за името меѓу Грција и Северна Македонија“, оценува тој.

Фуере потсетува и дека промената на името се случи со цел да отворање на вратите на ЕУ, а ветото од Бугарија ја уништува оваа надеж. Оттаму, пишува поранешниот евроамбасадор во анализата за ЦЕПС, македонскиот народ е достоен за восхит, затоа што „и покрај постојаните неисполнети ветувања од страна на ЕУ, продолжува да покажува поддршка за членство во ЕУ“, додека во меѓувреме многу млади ја напуштија државата, а над 120.000 Македонци добија бугарски пасоши кои им овозможуваат да патуваат и бараат работа во ЕУ.

Најважнo од сѐ, заклучува Фуере, е да се осигура дека процесот на зачленување во ЕУ ќе остане слободен од секакви историски лекции и прашања поврзани за идентитетот. „Дијалог, а не вето“, порачува тој.

- Реклама -