И Франција „ја предупреди“ Кина да биде внимателна со поддршката за Русија

Кина, која САД ја обвинуваат дека има намера да испорача оружје на Русија, треба да биде внимателна, изјави денеска во Женева шефицата на француската дипломатија Катрин Колона.

„Не е на мене да ги потврдувам изјавите на американските извори, но сепак би сакала да ве потсетам дека имаме причина да пренесеме порака за претпазливост до Кина“, рече француската министерка на маргините на двата состаноци во Женева – Конференцијата за разоружување и Советот за човекови права на ОН.

Колона објасни дека за тоа разговарала пред една недела во Париз со нејзиниот кинески колега Ванг Ји.

Според неа, на таа средба со кинескиот претставник разговарале за прашања поврзани со руската војна во Украина и за „јасната желба Кина да остане со својата традиционална одбрана на принципите на Повелбата на ОН, која се однесува на немешање и почитување на интегритетот на државите“.

Францускиот претседател Емануел Макрон минатиот викенд изјави дека ќе ја посети Кина во април и го повика Пекинг „да изврши притисок врз Русија“ за прекин на конфликтот во Украина.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

Американските власти веќе една недела се ангажирани во масовна дипломатска офанзива, предупредувајќи ја Кина на каква било воена поддршка за Русија, која според експертите може да го промени текот на конфликтот.

Пекинг остро ги отфрли обвинувањата.

Сепак, директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс во неделата изрази уверување дека Кина размислува да ѝ испорача оружје на Русија за војната во Украина, но дека САД немаат индикации дека таквата одлука конечно е донесена во Кина.

„Убедени сме дека кинеското раководство размислува за испорака на смртоносна опрема во Русија“, изјави Барнс во интервју за американската телевизиска мрежа Си-Би-Ес. Тој додаде дека САД засега не знаат дали е донесена конечна одлука за тоа, ниту пак имаат докази дека било доставено оружје на Русија.

Американските медиуми објавија дека испораката ќе се однесува на беспилотни летала и муниција.

Советникот за национална безбедност Џејк Саливан рече дека САД остануваат „будни“ и го потврди предупредувањето на Вашингтон до Пекинг за последиците доколку Кина ѝ испорача оружје на Русија.

МИА

- Реклама -