
Според француските власти, на социјалните мрежи се појавиле повици за вечерни собири и насилни акции, поради што полицијата најави засилено присуство и строги мерки за безбедност.
Во париските населби Република и Шатле – Ле Ал ќе важи полициски час од 23 до 6 часот, во сабота и недела навечер. Повеќе од 40 метро-станици ќе бидат затворени, а ќе има и прекини во трамвајскиот сообраќај.
Полицијата се обиде да забрани дел од протестните маршеви во центарот на Париз, но судот ја поништи забраната за маршот меѓу плоштадите Бастилја и Насион.
Протестите започнаа како движење на средношколци незадоволни од условите во училиштата, но постепено прераснаа во пошироко незадоволство поради поскапувањата, платите, социјалната нееднаквост и состојбата на јавните услуги.
На 17 октомври, според податоците на француските власти, на улиците излегле околу 550.000 луѓе, а протестите биле проследени со насилство, вандализам и ограбување продавници.
Минатата сабота протестирале околу 410.000 луѓе, од кои 110.000 во Париз. Синдикатите проценија дека бројот на учесниците низ земјата бил речиси 800.000. Полицијата привела повеќе од 1.300 лица.
Во пресрет на денешните демонстрации, некои продавници во Париз и други француски градови ги заштитија излозите со дрвени плочи, стравувајќи од повторување на насилствата.
Претседателот Емануел Макрон изјави дека не е нормално Франција да се наоѓа во ваква состојба на немири на шест месеци пред претседателските избори.
Синдикатите и студентските организации, покрај денешните протести, повикаа и на национален штрајк на 5 ноември.



