Сите понекогаш имаме лош ден. Обични мали нешта како метеж во сообраќајот и мало доцнење на работа можат да ни го претворат целиот работен ден во кошмар. А што да кажат докторите? Што да речат хирурзите? Што да се пожалат оние чиј лош ден на работа значи нечија туѓа смрт? Што да кажат оние за кои спасувањето животи е секојдневие?
Тие не зборуваат ништо. Кога товарот на плеќите е преголем и кога изразувањето на болката значи „лош ден на работа“, тие мораат гордо да подголтнат и да продолжат да го отплаќаат долгот кон другите, долгот што самите си го наметнале како последица на огромната хуманост и љубов кон човекот, љубов кон другите.
Некогаш е тешко. Некогаш болката е толку голема што морате да истрчате надвор и да се исплачете. Токму еден од тие моменти е овековечен на фотографијава што еден вработен во Итната помош во Јужна Калифорнија ја објави на Reddit. На фотографијата е неговиот колега – хирург, непосредно откако му починал пациент, буквално во неговите раце.
Авторот пишува:
„Човекот на сликата не успеа да спаси еден од неговите пациенти. Иако ова е честа појава во нашата работа, пациентите што ги губиме обично се стари, болни или и двете. Овојпат, пациентот што почина беше 19-годишна девојка и за него беше еден од оние моменти кога веќе не можете да издржите“.
Фотографијата е објавена со цел да се допре до луѓето и да им се долови како е да се работи во професија во која постојано постои тензија на живот или смрт. Тешко дека ги разбираме луѓето во таква позиција. Некогаш дури и ни делуваат ладнокрвно, нечовечно. А сепак, покрај тоа што се херои на кои треба да им се восхитуваме, тие се само уште едно живо суштество од крв, месо и емоции, како и ние останатите.
На крајот, авторот додава: „За неколку минути, докторот зачекори кон влезот, држејќи ја главата гордо крената“.