(Фото) Пречекот на албанска министерка без македонски симболи

0

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, објави повеќе од десет фотографии од пречекот на министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, кој се одржа во Скопје. На фотографиите, објавени на неговите профили на социјалните мрежи, преовладуваат исклучиво албански знамиња, без присуство на македонски државни симболи.

Во испратеното соопштение, Меџити истакна дека заедно со Спиропали положиле цвеќе на бистата на Ѓерѓ Кастриот – Скендербег, сместена на плоштадот со неговото име. Тој напомена дека на овој начин се почитува „заедничката историја“ и фигурата која го симболизира албанскиот идентитет, отпорот и единството. Според него, овој момент е потсетник дека националните вредности треба да останат важна водилка, особено во време на нови предизвици и одговорности.

Реклама

Меџити акцентираше и на важноста на „духовната порака“ која служи за поттикнување на соработката и зајакнување на врските помеѓу земјите и политиките. Сепак, начинот на кој беше визуелно прикажан настанот извика реакции и прашања во јавноста, особено поради фактот што посетата се одвива во главниот град на Македонија, а на фотографиите не се наоѓа ниту еден македонски државен симбол.

Критичарите укажуваат на тоа дека ваквиот протокол и визуелна презентација оставаат впечаток на еднонационална симболика во мултиетнички контекст, што отвора дебата за односот кон државните институции и симболи, особено во случај на официјални средби со странски функционери. Овој настан повторно ја актуелизира темата за границата помеѓу етничката идентификација, локалната самоуправа и државниот протокол, и за пораките што се испраќаат до јавноста кога ваквите средби се претставуваат преку една национална симболика.