Фон дер Лајен: На ЕУ и се потребни 500 милијарди евра за одбраната во следната деценија

Во текот на следната деценија на Европската Унија ќе и бидат потребни 500 милијарди евра инвестиции во одбрана, што според сегашните цени би значело дека блокот има недостиг од 400 милијарди евра, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред европските лидери на денешниот Самит на ЕУ во Брисел.

Според дипломатски извори, Фон дер Лајен нагласила дека во периодот од 1999 до 2021 година, пред руската агресија врз Украина, ЕУ ги зголемила трошоците за одбрана за само 20 проценти, за разлика од Кина и Русија, чии одбранбени трошоци пораснале за 600, односно 300 отсто.

– Прашањето е како да се обезбедат 500 милијарди евра, нагласила таа.

Сепак не е јасно дали во сумата од 500 милијарди се вклучени и средствата наменети за воена поддршка на Украина, како што е доставата на оружје и муниција и за модернизацијата и изградбата на украинската одбранбена индустрија.

Прочитајте и:  Путин потпиша декрет дека нуклеарното оружје останува последната линија на одбраната

Сите членки на ЕУ заедно во текот на 2022 година издвоија околу 240 милијарди евра за одбраната, а за споредба истата година САД потрошиле околу 718 милијарди евра.

Меѓу членките на ЕУ не постои согласност како да се обезбедат потребните финансиски средства за зголемување на производството на европската одбранбена индустрија, при што како можност се споменуваат кредити од Европската инвестициска банка или идејата на Франција и Германија за издавање на „еврообврзници за одбрана“ со што би се прибрале средства од финансиските пазари, на што се противат „поштедливите“ земји, како Холандија, кои инсистираат на изнаоѓање други извори за изнаоѓање финансии.

Европската комисија претходно го предложи Европскиот одбранбен индустриски план за обнова и зајакнување на воено-индустрискиот комплекс на ЕУ, но со него беа предвидени помалку средства од сумата што сега ја споменува Фон дер Лајен.

- Реклама -