Флоријан Бибер за „бугарското силеџиство“: Најголемата цена од бугарското вето ќе ја плати самата ЕУ

„Со месеци, зад кулисите, Бугарија прави притисок врз Северна Македонија да се согласи на далекусежни отстапки за Бугарија да не стави вето на пристапните преговори со ЕУ. Советот на министри даде зелено светло во март годинава, но формалниот почеток може понатамошно да биде одложен поради бугарските приговори. Во последните недели, барањата станаа јавни. Тие не само што претставуваат закана за ‘излетување од шините’ на пристапниот процес на Северна Македонија, туку тие исто така ги погазуваат и ЕУ вредностите“, пишува за European Western Balkans (EWB) аналитичарот и експерт за Југоисточна Европа, воедно и професор на Универзитетот во Грац – Флоријан Бибер, во анализа насловена „Како бугарското силеџиство врз Северна Македонија го загрозува европроширувањето, пак“.

На почетокот, повикувајќи се на бројните јавни и дипломатски изјави, како и меморандумот, Бибер наведува дека Бугарија бара во преговорите „македонскиот јазик“ да не се нарекува така и со тоа таа имплицира дека во иднина ќе приговара за да спречи македонскиот јазик да стане официјален јазик во Унијата.

„Во досегашните пристапни преговори за членство во ЕУ, секогаш изборот беше на идната членка да одлучи за јазикот кој ќе го користи и не беше работа на другите членки било да го оспоруваат постоењето на тој јазик или да приговараат за неговото име. Да, бугарскиот и македонскиот се блиско поврзани, но постојат значителни разлики. Тоа би било слично како Хрватска да стави вето на пристапните преговори со Србија и Црна Гора бидејќи двете користат јазици слични на хрватскиот и да се обиде да ги присили да го прифатат хрватскиот како нивен официјален јазик“, пишува аналитичарот.

Покрај јазикот, следната голема пречка што ја поставува бугарската влада е историјата, продолжува Бибер.

„Тврди дека не постои македонска нација, туку дека таа е ‘вештачка’, создадена од Комунистичка Југославија. Сите нации се вештачки, бидејќи нациите не се природниот начин на кој луѓето живееле од памтивек, туку нациите се модерни и често неодамнешни. Некои се појавија подоцна од другите, но тоа не ги прави повештачки. На крајот, сите нации се базирани на историски митови, вклучително и бугарската нација“, пишува тој.

Според него, барањето од Бугарија македонската нација „да ги признае нејзините бугарски корени“, како што истакна и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, е „гротескно“:

„Прво, нема јасен доказ за такво тврдење. Бугарските националистички историчари го тврдат ова, но многу историчари од Балканот покажуваат дека македонската нација потекнала меѓу словенското население во Отоманската провинција Македонија, од кое многумина немале јасен национален идентитет пред да почнат да се гледаат себеси како Македонци. И покрај тоа што има блиски врски меѓу двете нации, барањето да се наметне такво гледиште претставува симплификација на историската комплексност.

Второ, овие потекла се нематеријални, бидејќи се рефлексии на често комплексно историско создавање на нација, но не треба да бидат предмет на политичка трговија, туку оставени на историчарите. Всушност, Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија од 2017 година создаде комисија на историчари која ќе ги истражува контроверзните историски настани и фигури. Сепак, бугарската страна главно испрати националистички историчари во комисијата и бугарската влада притискаше за брзи резултати, наместо да ги остави историчарите да навлезат во внимателна и аполитичка дискусија

Бугарија, се чини, на тоа гледаше пред сѐ како на вежба за Северна Македонија да го преиспита својот историски наратив, но не и тоа да го направи самата Бугарија, вклучително и во однос на контроверзната бугарска окупација на Македонија и Јужна Србија за време на Втората светска војна и депортацијата на еврејската популација од окупираните територии до нацистичкиот камп на смртта Треблинка“, оценува Бибер.

За него, апсурдно е и бугарското барање Северна Македонија да се откаже од тврдењето дека постои македонско малцинство во Бугарија, додека истовремено самата Бугарија бара да не се дискриминираат македонските граѓани кои се идентификуваат како Бугари.

„Ова е класичен пример на ‘преку леб – погача’. Малцинствата не можат да се предмет на договори меѓу држави и треба се прашање на самоопределување. Советодавниот комитет на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства постојано забележува дека Бугарија треба да ги признае Македонците како национално малцинство, а последен пат тоа го посочи и во своето мислење од мај 2020 година“, посочува експертот за Југоисточна Европа.

Како што истакнува тој, заканата од бугарската влада со вето уште на почеток на преговорите на земјава со ЕУ е „грд потсетник“ на грчкото противење на името на државата, кое ја попречуваше евроатлантската интеграција 25 години и беше решено со Препанскиот договор од 2018 година.

„Она што ги прави приговорите на Бугарија посебно проблематични е тоа што веќе постои има договор за пријателство меѓу двете земји, кој требаше да стави крај на сите отворени прашања. Всушност, бугарските приговори се тесно поврзани со домашниот имиџ, како што е играњето на националистичката карта како одговор на масовните протести против владата во последните месеци и влијанието на крајно-десничарските Обединети патриоти – помалиот партнер во актуелната власт“, оценува Бибер.

Сепак, категоричен е тој, без оглед на мотивите за бугарските тврдења, ризикот од нив е создавање на непоправлива штета. Според него, Северна Македонија е најочигледната жртва, но најголемата штета ќе ја претрпи самата Европска унија:

„Северна Македонија е очигледната жртва. Прво, беше уназадувана од грчките приговори, а штом тие беа разрешени, Франција стави вето на почетокот на преговорите главно поради резервираноста кон Албанија, сѐ до март годинава. Штом овие пречки беа надминати со новата методологија за проширување на Европската комисија, сега Бугарија се заканува да го одложува процесот.

По болната и оспорувана промена на името договорена со Грција, толеранцијата за било какви понатамошни остапки поради силеџиство на соседна земја е разбирливо ниска во Северна Македонија. Ризикот е дека земјата која направи повеќе напори од било која друга во последните години да се ослободи од авторитарното владеење, да ги реши отворените билатерални прашања и да се стреми кон реформи, е казнета. Тоа ќе стави кочница на напорите на реформаторите, а националистичката опозиција триумфално ќе тврди ‘Ви рековме’.

Штетата е поголема бидејќи ќе охрабри и идни вета од земји членки, оставајќи го европроширувањето во уште поголем хаос од оној во кој веќе се наоѓа. Ако Бугарија се извлече со ова, другите земји од Западниот Балкан ќе бидат обесхрабрени да се обидат, а другите ЕУ членки можат да се охрабрат да бараат некакви отворени сметки за израмнување со кандидатите за членство.

На крајот, најголемата штета ќе ја претрпи самата ЕУ. Унијата е базирана на препознавањето на диверзитетот и разликите. Оставањето простор за различни идентитети е клучна премиса на Унијата и им овозможува на членките да работат заедно без да си ги наметнуваат своите гледишта на минатото, или на нивниот национален идентитет, едни на други. ЕУ е базирана на консензус, што исто така значи дека ниту една земја или нација не може да ги наметнува своите историски наративи на другите. Ова е многу важно, посебно на Балканот, каде земјите и нациите, особено малите, често чувствуваат дека се предмет на амбициите на поголемите соседи. Суштината на европската интеграција е да им се даде на земјите и нивните граѓани поголема еднаквост и чувство на сигурност, наместо нивно поткопување.

Постојат куп историски контроверзи меѓу земјите членки и добро е ако има простор за историчарите да работат заедно на изнаоѓање на заедничка основа. Меѓутоа, нивната работа не е да пронајдат или ‘признаат’ вистина, како што бугарската влада бара. Наместо тоа, историчарите треба да бидат оставени да се сложуваат и да не се сложуваат, да прифатат дека историографијата е комплицирана“, заклучува Бибер.

- Реклама -